Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното издание на „Патот кон“ на телевизија Алсат-М рече дека премиерот Зоран Заев треба чесно да признае пред граѓаните дека е уценет во скутот на Али Ахмети и на Артан Груби кои го одржуваат во политички живот, впрочем, тврди тој, тоа бил условот Заев да остане премиер уште неколку месеци.
– Ова што го прави Зоран Заев е политички некултурно, во ваков тип на заложништво да ги држи и граѓаните и своите сопартијци е политички некултурно, но не очекувам нешто повеќе од него, ако излезете на прес конференција јасно да кажете дека нешто ќе направите, тоа и треба да го направите, а не веќе следниот ден да ги повикувате вашите коалициски партнери за да ги прашате што мислат за вашата оставка. Заев кажа дека дава неотповиклива оставка, тоа е политичка некултура и кон членството и кон коалициските партнери – критикуваше Мицкоски.
Тој појасни дека позицијата на Заев е таква да објаснува сега дека на 12 декември ќе има Конгрес што е „повторно политичка некултура во ист ден како редовниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ да се закаже“.
– Заев сега вели дека ќе останел премиер додека не постигнел договор со Алтернатива или со Бугарија , а во суштина треба да биде чесен пред граѓаните и да каже дека е во скутот на Али Ахмети и на Артан Груби – вели Мицкоски.