МИЦКОСКИ ВЕЌЕ СЕ СЛУШНАЛ СО НАЈБЛИСКИТЕ СОРАБОТНИЦИ НА ТРАМП Американците избраа напредок, ќе ги подобриме односите!
Премиерот очекува со САД да се реализираат економските приоритети.
По победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, премиерот Христијан Мицкоски очекува поголемо зајакнување на исклучително добрите односи меѓу македонските граѓани и граѓаните на САД.
Тој смета дека Американците со гласањето за Трамп избрале напредок.
– Честитам на граѓаните на САД за демократскиот изборен ден или изборен процес, избраа напредок, избраа нешто коешто тие одлучија дека ќе им биде приоритет, го избраа претседателот Трамп да биде повторно нивен претседател. Јас тоа го честитав и не само нему, туку и на луѓето коишто се дел од неговиот тим – рече Мицкоски по средбата во МАСИТ.
Тој рече дека го следел изборниот ден во САД и дека со членови на тимот на Трамп разменил неколку пораки изутрината.
– Меѓу нив е и Дон Џуниор, односно синот на претседателот Трамп, таму е потпретседателот, сега веќе Џејди Венс, таму е самиот претседател, новиот претседател на САД, господинот Трамп, таму е госпоѓата Мекмахон и претседател на тој тим е Хауард Лутник. Тој беше тука и разговаравме за нови проекти, остана подолго време да комуницираме, денеска разменивме по некоја порака. Исто така господинот Рик Гренел, којшто исто така очекувам да биде од тимот на претседателот Трамп. Таму беше Девин Нунез, поранешен конгресмен, тој исто така беше дел од таа делегација која што беше присутна тука. Моментално ги води компаниите на господинот Трамп. Тука беше човекот од македонско потекло, господинот Крис Павловски, сопственик на „Рамбл“, исто така искомунициравме од позадината на самиот настан. Така што, има комуникација. Очекувам уште поголемо зајакнување на и онака исклучително добрите односи помеѓу македонските граѓани и граѓаните на САД. Имаме одредени економски приоритети – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека очекува тие економски приоритети да бидат уште повеќе зацврстени.