„Советниците на ВМРО ДПМНЕ по наредба на Христијан Мицкоски го спречија правото на граѓаните од Злокуќани да го видат урбанистичкиот план кој е изготвен на местото од сегашната бетонска база и поранешна Агромеханика“, обвинува општина Карпош со соопштение до јавноста.
Според општината, бетонската база која се наоѓа на патот за болница Бардовци повеќе од 30 години создава енормна бука при дробењето на каменот, а при секој посилен ветер прашината и песокот се врз нивните куќи и дворови, земјоделски продукти, облека, и така натаму, а граѓаните барале бетонската база да се дислоцира.
Оттаму тврдат дека не постои урбанистички план кој е повеќе од интерес за граѓаните и за заштита на животната средина од предлогот базата да се дислоцира и руглото кај поранешна Агромеханика да се урбанизира со тревници, спортски игралишта, детски лулашки и станбен простор за живеење.
„Согласно Член 27, Став 4, од Законот за урбанистичко планирање од 2020 година изработениот нацрт на ДУП по претходно добиено стручно мислење од комисијата за урбанизам, градоначалникот на општината го доставува на утврдување до Советот на општина Карпош. По утврдувањето на нацрт ДУП-от градоначалникот организира јавна анкета која трае минимум 30 дена“, се вели во соопштението и се додава:
„Ова јасно укажува дека Мицкоски директно спречи граѓаните на Злокуќани да го видат урбанистичкиот план и да си го кажат своето мислење за да во иднина бидат спасени од буката и загадувањето од бетонската база што се наоѓа непосредно до нивните живеалишта“.