Мицкоски: Спасовски го дефинира септември како можен термин за избори или ги лаже граѓаните
Тој смета дека новите економски мерки на владата е тешко да се спроведат до крајот на јуни.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека, ако се следи она што денеска го изјави премиерот Оливер Спасовски на пресентацијата на третиот пакет економски мерки, изборите би можеле најрано да се одржат во септември.
Во интервју за ТВ Канал 5, тој рече дека смета дека новите мерки е тешко да се спроведат до крајот на јуни.
– Или денеска Спасовски го постави септември како можен месец за одржување на предвремените парламентарни избори, или се дволични и лицемерни кон граѓаните и ветуваат нешто што не можат да исполнат. Ако го погледнете рокот на испорачување на првиот столб од пакетот мерки тогаш ќе видите дека месеците јуни и јули се опфатени. Тоа не може да се случи ако имаме избори заклучно со 60 дена од завршување на вонредната состојба – рече Мицкоски.
Тој, како што рече, очекува на утрешната лидерска средба разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација.
– Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот кој што го усвоивме во минатиот состанок, а тоа се одговорите од комисијата за заразни болести, да видиме од седиштето на ОБСЕ и ОДИХР, и што мисли ДИК и на тој начин да го утврдиме првиот можен датум кога би можеле да се случат овие избори – рече Мицкоски.