МИЦКОСКИ СМЕТА ДЕКА ТИМОТ НА СДСМ Е ОСУДЕН НА ПРОПАСТ Некогаш државотворна а сега прокси партија, смета премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека овој тим на СДСМ е осуден на пропаст, посочувајќи дека залудни им се и советниците од Србија под менторство на поранешниот советник на Заев.
– Јас не знам дали СДСМ е свесен дека игра улога на прокси, но мислам дека некој таму барем малку е свесен за тоа што се случува и мислам дека ќе преовладее некаков разум. Но тоа е нивна работа – рече Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Тој рече дека жали што во некогаш државотворниот СДСМ, денес гледа група луѓе која што ја има целосно приватизирано партијата со една стратешка порака која што апсолутно не доликува на ваков тип политичка партија.
– Која што одбрала да ја поими политиката како принцип во кој што ќе измислуваат и тогаш ќе ја испраќаат таа порака во јавноста, „растури ги пердувите, тие секако не можат да ги соберат сите пердуви, па дел од луѓето ќе ни поверуваат во тие лаги“ итн. Но, тоа е на краток рок. На среден и на долг рок, осудени се на пропаст и овој тим од Србија што е дојден овде под менторство на еден поранешен советник во кабинетот на поранешниот претседател на СДСМ и премиер, и луѓето кои што тој ги донесе се луѓе кои што не носат нешто револуционерно. Не се луѓе кои што носат нешто кое што може СДСМ да го врати на оние позиции во кои што беше препознаен можеби некогаш во минатото – рече премиерот.
Мицкоски посочи дека власта игра многу тивко, дека анализира, мери пред да пресече и не прави естрада од ништо.
– Едноставно ги движиме работите напред, тоа е нашата стратегија. Значи не сакаме премногу естрада, галама, бука, туку едноставно сето тоа да биде одмерено, и да не се случува некоја хистерија со која ние ќе станеме здодевни кај граѓаните и претенциозни, тоа не ни е желбата. Тоа не е добро. Затоа се трудиме на овој начин да ги водиме политиките – рече Мицкоски.