МИЦКОСКИ СЕ СРЕТНА СО ЛИДЕРИТЕ НА ВРЕДИ Средбата поминала во пријателска атмосфера
„Граѓаните нема да бидат разочарани. Разговорите продолжуваат“, велат од Владата.
Средба на премиерот Христијан Мицкоски со лидерите на коалицијата Вреди, Биљал Касами, Изет Меџити и Зеќирја Ибрахими се одржа доцна попладнево во Владата.
Средбата, според информациите од Владата, поминала во конструктивна амтосфера, пријателски и партнерски дух. Се разговарало за сите реформски прашања, за борбата против криминалот и за промените во системот што го оставиле СДСМ и ДУИ.
„Граѓаните нема да бидат разочарани. Разговорите продолжуваат“, велат од Владата.
Средбата претходно денеска ја најави и лидерот на движењето Беса, Биљал Касами.
– Како коалиција Вреди ќе инсистираме до крај секој што соработува со ДУИ во овие околности кога таа партија е на црните листи и треба да даде отчет за корупцијата на нејзините високи функционери, не може да биде прифатлив. Вечерва имаме средба со премиерот на која веруваме дека ќе ги разјасниме овие околности. Повторно велам дека тоа не е прифатливо, а тоа го кажа и премиерот, дека не може да се соработува со опозициска партија, во овој случај со ДУИ и истовремено да се остане во Владата. Со премиерот треба да ја разјасниме оваа ситуација, став што досега сме го имале заеднички во однос на продолжувањето на останувањето во Владата – рече Касами.
Вчера, премиерот Мицкоски оствари средба и со лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари, која заврши без епилог.