Мицкоски, само храбро, доследно и чесно – резултатите нема да изостанат!

Нашето историско искуство ни покажува дека вмровските влади, во принцип, секогаш биле повредни и поефикасни од сдсмовските. А ако шансите на новата влада на Мицкоски се споредат со оствареното од претходните влади на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев, тогаш уште сега знаеме дека дека таа нова влада ќе биде неспоредливо поуспешна. Дали тоа ќе биде доволно? Не, Македонија мора од пепелта да се крене како Феникс.

7,846

Откако во стилот на одговорен државник и вешт политичар успеа да ја круниса триумфалната победа на изборите, составувајќи влада што ќе има поддршка од безмалку двотретинско мнозинство во парламентот, Христијан Мицкоски денеска вети длабоки реформи и си постави амбициозни задачи за следниот мандат на извршната власт.

Опозицијата неговото експозе го дочека без вистинска анализа и критика, само со површините, зајадливи и кисели коментари на остатоците од разбиената чета на СДСМ.






Кутрите тие, не знае човек дали да ги жали или да им се смее.

Тие некадарници, кои потрошија цели седум години на власт, без да изградат било што значајно, без да спроведат барем една темелна реформа во економскиот и во политичкиот систем, верувајќи дека целата мудрост на владеењето е да бидеш сервилен кон странските центри на моќ и да ги прифатиш нивните уцени и вета, денеска се обидоа во експозето на Мицкоски да препознаат некакви недоследности и напуштање на предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ.

Во нивно име, Оливер Спасовски ни покажа како малата група опозициски пратеници на СДСМ сè уште е жртва на лажните вести и на манипулативните наративи коишто долго време ги ширеше пропагандата на Бихаќка, оцрнувајќи го својот конкурент во очите на меѓународната и на домашната јавност – дека ВМРО-ДПМНЕ планирала да ги отфрли Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија (ратификувани во парламентот), дека ќе барала нова Преговарачка рамка, дека ќе ја загрозела и ќе ја изолирала Македонија на меѓународен план, дека ќе сме влезеле во војна со Грција и слични глупости.

Со денови и државната агенција МИА пренесува „драматични“ вести за тоа како разни бриселски, холандски, грчки и кој знае уште какви „медиуми“ секојдневно пребројувале колку пати челниците на новата власт ги употребиле именката „Македонија“ и придавката „македонски“.

Сиот тој притисок се креираше и се креира овде во Скопје, очигледно во очекување да се предизвикаат нови дипломатски скандали, кои ќе ја дестабилизираат владата на ВМРО-ДПМНЕ, на Влен и на ЗНАМ, уште пред таа да се формира.

И ете, толку успеаја да смислат пропагандната машинерија и погоните за производство на лажни вести на партијата којашто претрпе катастрофален пораз на изборите, историски најтежок пораз на СДСМ.

Денеска ни стана уште појасно од каде и зошто поразот.

Денеска сфативме дека овој обезглавен и збркан СДСМ, не само што не е способен да владее, туку не е способен ни да биде и опозиција. А тоа не е добро. Може само да се надеваме дека нешто ќе се смени откако таа партија идниот викенд ќе добие нов лидер…

Како и да е, Мицкоски го стори она што се очекуваше од еден вешт и одговорен лидер на земјата. Без калкулации и без манипулации, тој вети дека неговата влада ќе ги почитува обврските преземени со ратификувани меѓународни договори, дека останува и дури и ќе ја засили европската агенда и секако, во својот официјален капацитет – само така како што е прецизно пропишано со Преспанскиот договор – ќе го користи новото уставно име на нашата земја. Тоа име ќе го изговори и при заклетвата и со тоа ќе ја исполни својата обврска.

Тоа што некои будалетинки, лоцирани во и околу СДСМ, не знаат или не сакаат да го читаат Преспанскиот договор така како што е напишан и потпишан, па мислат дека македонските официјални лица во секоја прилика треба како папагали да повторуваат „Северна Македонија“, тоа сепак е нивен проблем.

Настрана од оваа странична и за Мицкоски веќе затворена тема, она што останува како импресивен екстракт од неговото експозе се крупните ветувања и прецизно и амбициозно поставените цели и задачи. Тоа и фактот дека тие се дизајнирани консеквентно и доследно на препознатливата идеолошка линија на ВМРО-ДПМНЕ.

За некои критичари на експозето, како за Димитар Апасиев, на пример, тоа е „одвратно десничарење“. Во ред, од еден радикален левичар, ваквата оценка е очекувана. Јас, пак, проектираните цели ги препознавам, меѓу другото, и како реминисценција на успешните економски политики – ако смеам, идеолошки ќе ги идентификувам како либерални – кои во периодот на даночната реформа во првата деценија на овој век и потоа некаде од 2006 до 2012 година, ја рестартираа и ја кренаа македонската економија на нозе. Тоа е неспорен успех на тогашните влади на ВМРО-ДПМНЕ.

Се радувам што Мицкоски ветува пониски даноци, бидејќи верувам дека пониските даноци поуспешно го полнат буџетот одошто повисоките. И јас очекувам инфлацијата да биде зауздана во проектираниот обем од 2% до 2,5%. Ако успеат плановите за зголемени странски, но домашни инвестиции во приватниот сектор, плус ако домаќински се раководат јавните финансии и ако така се зајакнат и капиталните инвестиции во енергетиката, во инфраструктурата и во други јавни сектори (2 милијарди евра за 4 години), можно е да се оствари планираниот раст на бруто домашниот производ од 5%. Многу сериозен поттик во таа насока ќе биде и најавената децентрализација на јавните фондови.

Само така може да растат платите и пензиите, да имаме инвестиции во здравството, во образованието, во културата… Бидејќи во либералната економија нештата не се создават од ништо и бесплатен ручек, едноставно, нема.

Дали концептот, конзистентноста и евидентно постоење политичка волја брзо да се постигнат резултати во работата ќе бидат доволни за успех на новата влада на Мицкоски?

Никој не може да биде сигурен дека тоа ќе биде така. Но, можеме да се повикаме на нашето историско искуство, кое ни покажува дека вмровските влади, во принцип, секогаш биле повредни и поефикасни од сдсмовските. А ако шансите на новата влада на Мицкоски се споредат со оствареното од претходните влади на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев, тогаш уште сега знаеме дека дека таа нова влада ќе биде неспоредливо поуспешна.

Од каде го знаеме ова? Па од простиот факт што резултатите на последните две владите на СДСМ – на ДУИ и на СДСМ, да бидам попрецизен – се рамни на нула. Секој резултат спореден со нула е огромен успех.

Ниту еден метар асфалтиран автопат! Ниту една изградена болница! Ни нови училишта и факултети! Висока инфлација! Зголемена сиромаштија! Народ во процес на евакуација од земјата! Насекаде клиентилизам, корупција и криминал! Да набројувам уште?

Ете, таква Македонија му остава СДСМ на кабинетот на Христијан Мицкоски. Да, станавме членка на НАТО. Но, од тоа, барем досега, баш и не видовме некое големо фајде. Бидејќи и како членка на Алијансата, Македонија беше изложена на непринципиелни и непријателски политики на вета и на безобразни уцени. Не е сега време да плачеме поради тоа, ама редно е нештата да се наречат со вистинското име.

Сосема на крајот, на Мицкоски јавно ќе му го порачам она што на Заев му го реков во четири очи, кога тој доби шанса да ја води владата:

Не очекувам никакви чуда, Христијане. Многу наследени проблеми ќе ти тежат долго време. Но, ако работиш чесно и посветено, резултатите нема да изастанат, а народот тоа ќе го препознае и ќе умее да го цени.

И уште нешто… Ако се вртиш по секое куче што лае крај патот, никаде нема да стасаш!

Поврзани содржини
na