Мицкоски: Разговарав со лице од МВР, знам дека ме прислушкуваат, па нека го објават разговорот
Тој рече дека побарал да се почитува законот и побрзо да се реши случајот со цел македонската јавност да биде точно запознаена со вистината.
Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција потврди дека разговарал со надлежно лице вработено во МВР, а е во врска со снимките од фитнес-салата.
Тој рече дека побарал да се почитува законот и побрзо да се реши случајот со цел македонската јавност да биде точно запознаена со вистината.
– Откако го добив бројот од надлежното лице, му пратив порака со содржина: Здраво. Би сакал да се слушнеме, Христијан Мицкоски. И таа порака јас ја чувам. Потоа, конкретното лице ми се јави и го замолив сѐ да биде според закон и побрзо да се реши овој случај. Бидејќи сметам дека сум следен, прислушуван, еве ги охрабрувам да го објават разговорот и македонската јавност да ја слушне вистината – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, откако излезе снимката на која се гледа дека тој спортува во фитнес-сала, во јавноста излегле, како што вели, многу конструкции и шпекулации.
– Јас сум јавна личност и очекувано е да има конструкции од политичките противници. Но, јас барам луѓето кои земаат плата од овој народ да ја кажат вистината – додаде Мицкоски.
Тој рече дека е прислушуван и следен и побара разговорот да биде јавно објавен.
– Нема да тужам никого, ниту човекот со кого разговарав, ниту техничката заменик-министерка, ниту МВР. Ве молам извадете го разговорот и нека види јавноста што е, бидејќи конструиравте таква ситуација – рече Мицкоски.