Мицкоски: Просечната плата и пензиите ќе скокнат за 20 проценти

Тој најави дека за само еден мандат ќе се зголеми просечната плата за 20 проценти, а како што додаде, истото ќе се случи со пензијата на пензионерите. 

1,294

Денеска заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и донесовме едногласна одлука да учествуваме и да победиме на изборите коишто очекуваме да бидат закажани на 15 јули, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.

– Во овој период се водев според две основни работи, а тоа е заштитата на здравјето на граѓаните и заштитата на волјата на граѓаните. И двата услова од страна на Заев и СДСМ конечно се прифатени. Прифатено е да има протоколи за заштита на здравјето на граѓаните за време на изборите, ранливите категории да гласаат од дома, како и мисија на ОБСЕ/ОДИХР, чија основна задача ќе биде заштитата на волјата на граѓаните. Многумина се прашуваат зошто имаше одолговлекување со денешниот постигнат договор. Едноставно е, не можев да прифатам избори кои ќе значеа газење по човечки животи. И секако, не можам да прифатам избори помалку демократски од една Белорусија. Македонија мора да се исправи, а моја должност е да ги заштитам граѓаните. Дали ова е лесна одлука? Секако дека не. Можевме да одиме на избори во редовниот рок, но државата ќе продолжеше да тоне. И во декември немаше да биде важно кој ќе биде во Владата, затоа што сè можеше да биде загубено. Имаме обврска кон државата да го поразиме ова раководство на СДСМ. Еве го тој момент на одлука. Знаете дека ова сега го имате е далеку од она што го заслужувате – рече Мицкоски.






Тој најави дека за само еден мандат ќе се зголеми просечната плата за 20 проценти, а како што додаде, истото ќе се случи со пензијата на пензионерите.

– Ние сме со народот и во ова сум со единствена цел – да испишеме историја и да покажеме дека можело поинаку. Тука сум за да ја исправам Македонија и да кажам дека можеме да работиме чесно и одговорно. Следува обнова во економијата. Таа обнова ќе овозможи зголемување на просечната плата за 20 проценти. Просечната пензија на пензионерите ќе се зголеми за 20 проценти. Невработеноста ќе биде под 10 проценти. Рамен данок од 8 проценти. 90 проценти реализација на капиталните инвестиции, односно целосна реконстукција на повеќе од 1000 километри. Заев е веќе минато. Ова не се избори за нијанси. Изборот е или повеќе за Заев, или повеќе за Македонија. Го чувствувам вкусот на победата и ја слушам пораката на народот. Колку ќе биде поголема победата, толку ќе биде и појасна пораката. Очекувам кампања во која ќе ги покажеме разликите, односно да покажеме кој навистина нуди напредок, а кој не нуди ништо – истакна Мицкоски.

Поврзани содржини