Лидерот на ВМРО – ДППМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција забележа дека Владата доцни со економските мерки и предупреди дека ако не помогне државата тоа ќе значи банкрот за многу компании.
– Средствата за придонеси и плати во директно погодените дејности што треба да се исплатат за еден месец изнесуваат околу 80-тина милиони евра. А тие компании во моментот, во месец март имаат заработка од НУЛА денари. Истите овие фирми треба да платат 15 милиони евра ДДВ, а во месец март ќе повторам имаат приход од нула денари. Почнаа првите отпуштања на вработени и клуч на врата за компаниите. Да напоменам 70-тина проценти од овие компании се мали претпријатија од еден до десет вработени. Во клучните два месеци очекуваме негативното влијание во економијата да изнесува цели 220 милиони евра. Или месечно се губат по 110 милиони евра само по овој основ – вели Мицкоски.
Денес, додаде лидерот на ВМРО – ДППМНЕ, владата излезе со пакет мерки од кредитна линија во вредност од 5 милиони евра за компаниите, а тие губат по 110 милиони евра месечно.
– Помошта од кредитната линија од 5 милиони евра на владата во услови кога се губат 110 милиони евра, каде што нема за плати и придонеси, се затвораат фирми, не само што не е доволна, туку и смешна и навредлива. Ако не помогне државата и владата, нема од каде. Секој ден без помош значи банкрот за многу компании. Црвениот аларм е вклучен. Од информациите кои што стигаат до нас една компанија која што беше корисна на средства од Агенцијата за финансиска помош и поддршка а беше поврзувана со името на еден поранешен функционер во владата на Зоран Заев од петокот е затворена и 150 вработени од таа компанија се на улица. Веднаш по прогласување на вонредна состојба да се донесат владини одлуки со законско дејство – додаде Мицкоски.
Тој порача дека е потребно е замрзнување на обврските на компаниите кон државата, чија што работа е погодена со настанатата ситуација со корона вирусот.