Мицкоски: Португалскиот предлог е завршена работа, не знам дали ќе има словенечки, но знам дека треба да има македонска понуда

Ако некој има проблем со тоа што јас го зборувам подготвен сум да дебатирам, го повикав Заев на дебата, но тој не се охрабри, еве повторно го повикувам на дуел да разговараме што е вистината, рече Мицкоски.

757

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека не знае дали ќе има словенечки предлог за преговорите кон ЕУ, но дека е сигурен дека мора да има македонска понуда која ќе опфаќа да не сме на 111-то место по криминал и корупција, да имаме посилна економија, реформирано образование, навремена набавка на вакцини, а со тоа би си ја завршиле домашната задача.

– Ако некој има проблем со тоа што јас го зборувам подготвен сум да дебатирам, го повикав во вашето студио Зоран Заев да излеземе на дебата, но тој не се охрабри, рече да заврши Самитот, еве заврши и повторно ја актуелизирам таа покана, на дуел да разговараме што е вистината, граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината – порача Мицкоски во интервју за Сител






Тој вели дека не можеме повеќе да зборуваме за португалскиот предлог кога тој е одбиен уште со самото негово поднесување, како и дека таа работа е завршена.

– Словенечки предлог не знам дали ќе има, но треба да имаме македонска понуда, а таа е да не сме 111-ти според криминал и корупција на Транспаренси Интернешнл, да немаме најмногу починати од коронавирус и веќе требаше да седнеме да размислиме како да донесеме вакцини за следниот бран од септември па натаму, да имаме силна економија, да имаме реформирано образование, ако таа понуда не ја дадеме, односно ако не си ја завршиме домашната задача, да немаме притиснати обвинители и корумпирани судии -вели Мицкоски.

Тој порача дека Македонија мора прво да ги среди овие работи, затоа што сè останато може да се реши, но за да се решат овие проблеми треба многу работа, креативност, знаење и визија, кои работи власта ги нема.

Мицкоски потенцираше дека Република Македонија четири години стагнира во однос на сите слоеви од општеството, владеат криминалот и корупцијата, а наместо приближување до ЕУ, Зоран Заев со неговите политики ја оддалечува Македонија од започнувањето преговори со Европската унија. Тој додаде дека несомнено Република Македонија ќе биде дел од Европската унија, но не додека Зоран Заев е на челото на Владата.

– Заев четири години велеше дека Македонија треба да постигне договори и да изнајде решенија за проблемите со соседите, а сега откако распродаде се што можеше да се распродаде, поразителен факт е дека она што мислевме дека е помош на патот кон ЕУ, испадна најголем проблем, односно блокада. Македонија има суштински проблем во однос на функционирањето, бидејќи економијата е на ниско ниво, правдата е заробена, а царува само криминалот и корупцијата. Тоа се големи аномалии кои не можат да ја движат напред Македонија, но тоа ќе го промениме – додаде Мицкоски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ на средбите со претставниците од Европскиот сојуз ги соопштуваат нивните гледишта и проблеми кои ги нотираат, со цел луѓето од ЕУ да имаат јасна слика за тоа каков човек ја заробил Македонија и што всушност се случува тука.

– На луѓето во ЕУ им се јасни работите и знаат со што се соочуваме, но тие велат дека народот е тој кој треба да пресече и самиот да се спаси. Тоа значи дека народот треба сам на себе да си помогне. За четири години сме сведоци на егзибиции, распродажби и понижувања, а за возврат не добивме ништо. Поразени сме и како народ и како држава, а ЕУ за жал е предалеку во овој момент. Мораме да се избориме за подобро утре и да работиме на проблемите кои ги имаме внатре во државата, а ЕУ ќе ги награди вистинските реформи и тогаш ќе станеме дел од европското семејство – рече Мицкоски.

Поврзани содржини