Мицкоски под уцена
Едно е некој да те повика да партиципираш во процесот на одлучување, ако постојат повеќе опции. Да, тогаш вреди и мора да се учествува, да се дебатира, да се аргументира, да се даде придонес за изнаоѓање прифатливо и одржливо решение. Но, сосема е друго кога некој те принудува да седнеш на масата на која веќе сe поделени картите и одлуката е донесена, а ти само треба да се испазариш за својот образ и евентуално за спас на својата кариера. За невозможното, во случајов.
Или ќе ти земеме најмалку 6 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ќе обезбедиме 81 глас во Собранието за внесување на Бугарите во Уставот…
Или ние ќе ти дадеме некакво пусулче со гаранции, Христијан, за да можеш да го „одбраниш“ идентитетот и да ја убедиш ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржи промената на Уставот.
Трето нема!
Ова е уцената на која во овој момент е изложен опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.
Змија или магаре.
Не знам дали ова му е кажано вака јасно и грубо, но јас слушам дека тоа се двете „опции“ меѓу кои тој треба да ја избере помалку лошата – за себе, за својата партија и за Македонија.
Велам, не знам дали уцената веќе му е соопштена на Мицкоски. И не знам дали човекот досега размислувал како да постапи. Малку ме зачуди она негово барање некакви „гаранции“ од Европскиот парламент за македонскиот идентитет, како услов ВМРО-ДПМНЕ да се согласи со промената на Уставот. Но, да не му бараме црно под ноктите, таа лоша идеја не мора задолжително да е поврзана со уцената.
Како и да е, она што јас го знам е дека во политичките кулоари наголемо се зборува за оваа уцена. И опасно се шпекулира дека најголемата опозициска партија веќе се согласила да се „отвори“ Уставот. И дека затоа, всушност, премиерот Димитар Ковачевски се охрабрил да свика лидерска средба.
Не знам дали е баш така, но факт е дека Мицкоски нема да може уште долго да се вади на воздржаност за ова важно прашање. На уцената тој ќе мора да одговори јасно и прецизно.
И брзо. Многу брзо… Зашто, очигледно е дека некој оценил дека железото веќе е вжештено и дека дошло време да се кова.
Денеска прашав еден добар пријател, кој не е политичар, но има големо искуство во преговарање и тргување – што би избрал ти да си на местото на Мицкоски?
Човекот ми одговори како од топ. Без премислување. Без никаква задршка.
Да сум јас на местото на Мицкоски, вели, вака би им одговорил – не 6, земете 16 наши пратеници, ако можете, и кршете глава, зашто од најголемата македонска партија немате согласност за промена на Уставот!
Размислував денеска за ова што ми го кажа пријателот…
Ако ова се опциите, за што, всушност, ќе одлучува Мицкоски?
За ништо!
Тоа би значело дека уставната промена бездруго ќе се случи, а на Мицкоски му е оставено да избере како тој и ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во тој процес.
Не дали ќе учествуваат, туку – како ќе учествуваат!
Исходот за Христијан во двете опции е повлекување од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ и драматично опаѓање на рејтингот на партијата.
Ако дозволи да му бидат купени 6 пратеници кои ќе бидат принудени да гласаат „за“, тоа ќе значи дека партискиот челник нема контрола врз пратеничката група. И дека, всушност, не е лидер во вистинска смисла на зборот.
Ако човекот прифати да го изматуфат со некакво мртво слово на хартија што ќе го наречат „гаранција“, тоа ќе значи дека се согласил на нешто што ВМРО-ДПМНЕ досега го означуваше со тешки думи – предавство на националните интереси.
Реално, постои само една прифатлива гаранција што може да ја понуди Европската унија во замена за внесување на Бугарите во македонскиот Устав – усвојување акт со уставно значење со кој Бугарија ќе ги признае идентитетот и самобитноста на македонската нација. Тоа веќе би бил еден фер компромис. Но, таква опција нема на масата. И нема ни да има.
Затоа, се согласувам со мислењето на мојот пријател дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ треба решително да ја отфрли уцената. По секоја цена. Дури и по цена на својата политичка кариера.
Мицкоски треба да биде принциелен, стабилен и одважен за ова прашање. И да каже како навистина стојат работите…
Едно е некој да те повика да партиципираш во процесот на одлучување, ако постојат повеќе опции. Да, тогаш вреди и мора да се учествува, да се дебатира, да се аргументира, да се даде придонес за изнаоѓање прифатливо и одржливо решение. На крајот на краиштата, тоа е политиката, нели, уметност на можното (Бизмарк).
Но, сосема е друго кога некој те принудува да седнеш на масата на која веќе сe поделени картите и одлуката е донесена, а ти само треба да се испазариш за својот образ и евентуално за спас на својата кариера. За невозможното, во случајов.
За ова и за сите други прашања од комплексот на македонско-бугарските односи, никогаш, всушност, немало вистинска дебата и разговори и преговори со почитување на двете страни. Секогаш постоела една страна која поставува барања и услови, уценува и се заканува, и друга страна, чиј „придонес“ во процесот се мерел според ентузијазмот и волјата со која ги прифаќала уцените.
А тоа не е принципиелно. Не е ни европски. Тоа е наметнување на волјата на помоќниот со насилство, со уцени, со вето. Тоа не е ни политика, всушност, тоа е терор во политиката.
На Македонецот, во оваа битка, како и во многу други битки во историјата, му се оставени сами две можности – да бега или да се предаде. Ретки се тие коишто успевале да ги надминат стравот и малодушноста во вакви ситуации и да се издигнат над уцените. Ретки се, но ги има, дури и во нашата понова историја.
Оттаму, за Мицкоски имам само еден совет во овој момент, што најдобро може да се опише со една изрека којашто се среќава во повеќе варијанти во англискиот јазик. Мене најмногу ми се допаѓа оваа верзија: A man’s got to do what a man’s got to do!