МИЦКОСКИ ПОБАРА СРЕДБА НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ ПОРАДИ ДОЈАВИТЕ ЗА БОМБИ „Наместо да го свика, Пендаровски цело време е збунет и шокиран“

Пендаровски наместо да го свика Советот за безбедност одлучи да делува како аналитичар и цело време тој е згрозен, тој цело време е збунет, цело време е шокиран и така натаму, но без да каже ништо конкретно, изјави Мицкоски во интервју за националниот ТВ сервис.

325

Лажните дојави за бомби уште еднаш ја покажуваат нефункционалноста на системот и неспособноста на раководните лица кои што ги раководат институциите што се дел од тој систем, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повикувајќи го претседателот Стево Пендаровски да свика седница на Советот за безбедност посветена на бомбашките закани.

– Пендаровски наместо да го свика Советот за безбедност одлучи да делува како аналитичар и цело време тој е згрозен, тој цело време е збунет, цело време е шокиран и така натаму, но без да каже ништо конкретно – изјави Мицкоски во интервју за националниот ТВ сервис.






Според Мицкоски, политичарите од власта не прават ништо за да се надмине овој проблем и дека треба да си заминат и „да дојдат луѓе кои што знаат како да се справат со овие предизвици”.

– Јас не сум од оние луѓе кои веруваат во теории на заговори, па поврзуваат дека ова е некаков си хибриден напад, па ќе се формираат некакви си тела за справување со хибридни напади. Едноставна е работата, имаме систем којшто е поразен и нефукционален и луѓе неспособни кои што го водат тој систем – рече Мицкоски.

Според него, предизвиците со дојавите на бомби се срамота не само за државата, туку и за НАТО, бидејќи земјава како членка на блокот „им прави проблем на останатите земји” во Алијансата.

– Синџирот е силен онолку колку што е силна најслабата алка во него. Ако сме ние таа најслаба алка системот нема да се скине кај најсилните алки, ќе се скине кај најслабата алка. Така што ова навистина е аларм и за нашите партнери во НАТО. Не треба како политичар устата да ви е полна со НАТО-ЕУ-НАТО-ЕУ, туку да видиме што правите вие за да ги спроведете тие вредности. Очигледно дека нашиве политичари не прават ништо – додаде Мицкоски.

Во интервјуто, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да прокоментира „дали се чувствува загрозен“ од анкетата на ИРИ и популарноста на неговиот претходник во партијата, Никола Груевски. Тој ја потенцира, како што вели, огромната предност на ВМРО-ДПМНЕ од 19% според анкетата на ИРИ во однос на останатите политички партии.

– За мене политиката е тимски спорт, тоа не е индивидуална игра, се додека тимот победува, а јас сум капитен, јас ќе бидам среќен. Над сите приоритети е Македонија. Еден ден кога ќе не нема, историјата ќе зборува за нас и тоа што сме направиле. Јас сметам дека тимот ќе победи, рече Мицкоски во интервјуто на МТВ.

Мицкоски меѓу другото одговори и на прашање за тоа што се случува во Град Скопје и околу градоначалничката Данела Арсовска. Тој вели дека чувствува одговорност бидејќи застанал позади градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која, според него, се покажала како слаб менаџер.

– Наместо тоа за што се боревме и наместо за тоа што беа нашите вредности, таа се залага за поинакви кои немаат врска со потребите на Скопје. Но, ќе направам сè, ќе дадам сè од себе, да ја исправам таа грешка и концептот „За модерно Скопје” да заживее – изјави Мицкоски во интервју за националниот ТВ сервис.

Тој обвини дека во Скопје функционира коалиција помеѓу Арсовска и СДСМ, која е „деструктивна за животот на Скопјани”.

– Коалицијата е сè поочигледна и наместо да работат, тие се зафаќаат со растурање на пердуви и лаги – изјави Мицкоски, обвинувајќи дека Арсовска и СДСМ „седат во иста канцеларија, договараат стратегија да глумат дека се напаѓаат, а во исто време да работат за исти интереси”.

Во врска со нападите на Арсовска и искажаните ставови за од нејзина страна за закани, Мицкоски изјави дека е „згрозен и шокиран од таквите лаги”, обвинувајќи ја скопската градоначалничка дека наместо да работи за Скопје се фокусира на лаги.

– Жалам што направив погрешна проценка за карактерот на човекот кој го поддржав денеска да биде градоначалник на Скопје. Верував бидејќи препораките и биографијата беа солидни и до ден денеска верувам дека тогаш направивме вистински чекор, бидејќи направивме победник, но жалам што поддржав човек кој сега се фокусира на ниски страсти, лаги, конструкции поучен од не многу ликови кои се дел од нејзиното опкружување. Наместо да испорачува за Скопје, таа се фокусира да растура пердуви за мене и лаги и конструкции – рече Мицкоски.

Мицкоски зборуваше и за криминалот и корупцијата во Македонија. Според него, власта намерно не сака да се бори против криминалот и корупцијата, за да бизнисите им цветаат и поради тоа што не знаат како, а и немаат визија како да се справат со криминалот и корупцијата.

– Зарем не се проблематични оние пасоши кои што се даваа на криминалци во МВР, зарем некој во државата верува дека Вукотиќ дошол тропнал на шалтер во МВР и службеничката која што беше во затвор и рекол добар ден јас сакам да имам македонски пасош и тој се сликал и добил македонски пасош. Зарем можеме да поверуваме дека нарко картели кои што поседуваат македонски пасоши туку така ги добиле? Зарем плантажите со марихуана низ Македонија се туку така посадени и туку така на некој му текнало дека почвата е плодна па ајде да посадиме марихуана и ќе вложуваме милиони во Македонија? Не, сето тоа има причина сето тоа има зошто, а затоа за жал нема, и ќе дојде и тоа време ние како опозиција ќе се бориме правдата да излезе на виделина, и ќе излезе еден ден. Не можат вечно да се кријат затоа се толку жолчни во нападите од сите страни против мене затоа што јас немам концесија, и ќе продолжам да се борам против овој систем кој што не влече сите нас надоле и не има за жал се помалку и Македонија ја има се помалку. И тоа е она што ќе го правам, да ги мотивирам истражните органи да го истражат сето ова до крај и ова е поврзано со сето она од почетокот, со криминалот и корупцијата, со партизираното судство, обвинителство, и сето тоа создава проблем во нашето општество за да ние не се развиеме во економска смисла, за да нема повеќе пари во буџетот, образованието, здравството, младите, земјоделците, тоа е суштината, проблемот во оваа држава, но некој тоа намерно не го решава, а некој не знае и нема ни визија – нагласи Мицкоски.

Поврзани содржини