Мицкоски по средбата со Пендаровски: Не барам милост и амнестија, туку само правда за осудените за „27 април“
За жал, имаме политичари кои бараат, а имаме и судии кои испорачуваат. Правдата ја бараме преку дополнителни докази кои ќе бидат доставени до Врховниот суд или до Судот за човекови права, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Разговаравме за настаните од 27 април 2017 година и за сето она што се случуваше од тој настан. Од она што можам да го извлечам како заклучок е дека тоа што е реалност со тој случај е основното право на жалба на лицата коишто се осудени во моментот е завршена и голем дел од нив ја немаат добиено таа одлука за да можат да искористат вонреден правен лек и да достават нови докази до Врховниот суд, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по завршувањето на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски.
– Имаме осудено лице кое е обучено и школувано да ги штити интересите на државата, а за тоа лице има мерка куќен притвор, а по два дена таа мерка е променета во затворска. Би сакал да поставам и една дилема, којашто ја поставив и пред Пендаровски, а тоа е терористичко загрозување на уставниот поредок. Ако сите вие ме нападнете физички, а полицајците не ме одбранат, тогаш ќе бидат осудени на големи затворски казни поради тоа што не ме одбраниле. Ние не бараме амнестија и не бараме милост, туку бараме правда за осудените лица. Едно од овие осудени лица ја побара правдата пред судијата кога рече дека погрешил, но дека не може да биде осуден за тероризам. Тој можеби направил грешка и ги прекршил законите, ама не е терорист. За жал, имаме политичари кои бараат, а имаме и судии кои испорачуваат. Правдата ја бараме преку дополнителни докази кои ќе бидат доставени до Врховниот суд или до Судот за човекови права – рече Мицкоски.
Разговаравме и за економската и политичката состојба во државата, додаде Мицкоски.
– Ние сме најкорумпираната држава во Европа, а оваа Влада е најкорумпираната на Балканот и пошироко. Разговаравме и за новиот Клинички центар и за други поситни теми. Се договоривме на крајот да одржуваме контакт и да комуницираме на крупни теми. Ние сме политичари кои треба да се грижат за граѓаните да имаат правда. Никогаш нема да престанам да се борам за безусловна правда за сите граѓани. Покрај тоа што разговаравме за неправедно осудените за 27 април, никогаш не спомнавме амнестија, туку само правда. Без разлика дали е Алмир, Христијан, Саздо, Томче или Шабан, за секого треба да има правда. Никогаш не сум ги двоел луѓето по името, по нацијата или по верата, и секогаш ќе се борам за секој граѓанин – посочи Мицкоски.
Не е прв пат политички неистомисленици на Зоран Заев да бидат ставени во притвор и во затвор, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето каков е неговиот коментар откако вчера протекоа документи од Агенцијата за националната безбедност (АНБ).
– Секој човек кој не клима со главата пред Заев, кој не коленичи и не моли, можно е да добие затвор или притвор, а тоа не ме чуди. Ако вака ни истекуваат документи од АНБ, тогаш можете да сфатите каква ни е организацијата во државата. Да го ослободиме обвинителството и судството од било каков притисок, а секој граѓанин треба да има право на вонреден правен лек. Вчера имавме судска пресуда за „Двојник“, а тие лица беа осудени на 2 години затвор откако го признале делото. Фалсификување патна исправа нема никаде во обвинението, туку само злоупотреба на службена должност. Така се договорија со вистинските сторители – рече Мицкоски.