Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е убеден дека коалицијата што тој ја предводи, со поддршка на народот убедливо ќе победи на претстојните парламентарни избори. Потоа, рече, сите заедно да ги засукаме ракавите и да работиме за обнова на Македонија каква што сме наследиле и каква сакаме да им оставиме на идните поколенија.
– Изминатиот период чекоревме полека за да не паднеме, за да не се враќаме неколку чекори наназад и да мора да почнуваме се одново. Меревме, премерувавме носевме одлуки кои можеби секогаш не беа допадливи, но, тоа беа одлуки кои нас не донесоа до крајната цел, а тоа е што побргу да ни се случат предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски пред граѓаните во општина Кисела Вода.
Сакавме да војуваме, рече, но тоа да биде војна со извесен крај, а тоа е победа.
Кога на човек ќе му се случи нешто лошо, рече тој, како што на Македонија и се случила оваа власт, не треба да се очајува, туку да се исправи и да продолжи да се бори во она што верува.
– Колку нашиот сон и она во што веруваме е поголемо, повелико, толку искушенијата на тој пат до таа крајна цел се потешки и толку нашата борба е поисправна. Наша цел е онаа Македонија за која сонуваме, онаа Македонија која што ја наследивме и онаа Македонија која што сакаме да им ја оставиме на нашите потомци. Нашата Македонија. Тоа е голема и велика цел. Затоа заедно да се бориме – рече Мицкоски пред граѓаните во општина Кисела Вода.
Нашата борба, додаде тој, започнува на 15 јули. Имаме многу за обновување, потенцира Мицкоски, ќе треба да ги засукаме ракавите и да ги поправаме грешките на оваа власт за да си ја обновиме Македонија од пепелта која што ќе ни ја остават.
– Треба многу грешки да поправаме за некои ќе треба веднаш да делуваме брзо и одлучни, а за некои можеби ќе треба повеќе време, но важно е да ги засукаме ракавите да се обединиме како што многупати во историјата македонскиот народ се обединувал и се спротивставувал пред многу поброен и помоќен противник од ова раководство на СДСМ.
Пред присутните се обрати и професорката Гордана Силјановска Давкова,носител на ИЕ 1, која е убедена дека граѓаните ќе ја дадат поддршката за ВМРО ДПМНЕ и коалицијата на овие избори.
Таа рече дека претходните нпретседателски избори биле само вовед и отвориле порта за она што ќе се случува на претстојните парламентарни избори, а тоа е, потенцира таа, голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ
– Ќе се согласите дека не само во Македонија, туку и ширум светот сите кои се Македонци од Македонија сега се обединија околу најважните нчетири букви за македонската историја ВМРО и тоа тоа го знаат. Го разбудија вмровскиот код во секој човек ширум светот и сега она што е следно е вториот дел од името на оваа партија – партија за демократско национално единство. Никогаш, рече таа не било попотребно поважно национално единство од денес – истакна таа.