Мицкоски: Оставка треба да поднесе владата, а Рашковски да оди во затвор, се срамам од таков колега
Ова лице беше едно од најблиските соработници на владата, кој знае што се случува со другите, оставката треба да се прошири на целата влада. Ако се потврди дека е точно тоа за Рашковски, тогаш тоа е голем срам и блам за владата, одговори Мицкоски на новинарско прашање за денешната оставка на Рашковски.
Оставка треба да поднесе цела криминална влада, Рашковски одамна требаше да биде таму каде што припаѓа – во затвор, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по денешната средба во МАСИТ.
– Не може службеник со плата и професор да поседува хациенди со по илјадници метри квадратни, да вози такви џипови, ако се негови, да дезертира среде паднемија и да летува таму каде што беше и да ни кажува дека биле евтини аранжманите. Ако тој стократно го зголемил своето богаство, срамота е што досега не поднесе оставка, ова треба да продолжи, се срамам што такви луѓе се мои колеги на Универзитетот. Ова лице беше едно од најблиските соработници на владата, кој знае што се случува со другите, оставката треба да се прошири на целата влада. Ако се потврди дека е точно тоа за Рашковски, тогаш тоа е голем срам и блам за владата – одговори Мицкоски на новинарско прашање за денешната оставка на Рашковски.
Тој одговараше и на прашања за аферата со пасошите, како и за заканите што ги добивал по обелоденување на аферата „Мафија“, како и за владиниот предлог за лекувањето на ковид пациенти во приватните болници кој смета дека требало да дојде многу порано.
На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ може да излезе со докази и информации дека директно посочените од страна на партијата, Заев и Спасовски, биле запознаени со аферата за пасошите, Мицкоски рече дека никој не би поверувал дека обичен службеник или тој што зема отпечаток од прст е носител на ваква афера.
– Седат Пекер беше во Македонија повеќе од три месеци. Не е можно да не знаеле официјалните лица во Владата кога тој шеташе со коалициските партнери на Зоран Заев, со пратеници итн. Прашајте ги во Владата дали ги поништија овие патни исправи, дали уште се важечки тие пасоши – вели Мицкоски.
На прашањето дали стравува дека може да биде отворена постапка по обвинувањата на Владата дека ја саботирал акцијата за пасошите, вели „нека прават тоа што мислат дека прават јас ќе продолжам да се борам против криминалците во Владата што ги предводи Зоран Заев и Оливер Спасовски“.
– Јас ќе продлжам да ги откривам нивните афери, а тие нека прават тоа што мислат да го прават – рече тој.
Во однос на тоа дека добивал закани по животот, по откривањето на аферата за пасошите, и дали знае од кого, вели дека доколку знае кои се лицата многу полесно би било да се справи со тие, како што рече, кукавици кои се закануваат бидејќи тие се анонимни.
На прашањето дали пријавил, Мицкоски рече дека нема намера да пријавува.
-Каде да пријавам, таму каде што тие ме оставија без обезбедување под изговор дека мојот живот не е под опасност. И да ми доделат, нема да го прифатам тоа обезбедување. Кај овие луѓе немам намера ништо да барам ниту да пријавувам – истакна тој.
Во однос на за владиниот предлог за лекувањето на ковид пациенти во приватните болници, Мицкоски рече дека тоа требало да се случи многу порано, уште во почетокот на пандемијата, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи и да се рефундираат трошоците и на пациентите кои досега ги направиле лекувајќи се во приватните болници.