МИЦКОСКИ ОСТАВА ОБВИНИТЕЛСТВО ДА РЕШИ ЗА КРИВИЧНАТА ОД СДСМ Премиерот порача дека Беџети има каде да ја докаже својата невиност

101

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата рече дека не сака да ја коментира кривичната пријава од опозицискиот СДСМ и оти остава надлежните органи да одлучат по неа, нагласувајќи дека тој е фокусиран кон развојот на државата и подобрување на условите за живот на граѓаните. Политичките партии, додаде тој, коишто живеат во сопствениот свет на лаги се повеќе се маргинализираат и ги разочаруваат граѓаните.

– Јас не би можел да коментирам повеќе. Оставам на органите да одлучат, нели кривичната пријава претпоставувам е поднесена до Обвинителството. Прашањето ќе треба да го упатите до Обвинителството. Јас не би сакал со моја изјава по ниту една основа да влијаам врз одлуката на Обвинителството, а визави пријавата којашто ја поднесе СДСМ – одговори Мицкоски на новинарско прашање во врска со кривичната пријава на СДСМ.

На прашање во врска со неговата изјава дека има чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството итн. ќе бидат опфатени со одредени прогони и пријавата, која еден ден подоцна е поднесена против пратеникот Блерим Беџети, кој тоа го оцени како притисок, Мицкоски нагласи дека не би ги коментирал наводите од Беџети, оти има места каде што тој може да ја докаже својата невиност и додаде дека секој во државата го ужива правото на презумпција на невиност.

– Јас сакам сѐ помалку луѓе да бидат осудени, сѐ повеќе луѓе да работат според законите, да ги почитуваат законите, Уставот на оваа наша заедничка држава. За мене успех ќе биде да имаме што помалку кривични пријави против поранешни, сегашни функционери итн. Така што јас не би можел и не би сакал да ги коментирам наводите на господинот Беџети и верувам во право на презумпција на невиност до моментот додека не се докаже спротивното, а тоа се докажува низ една судска постапка до правосилност на судска одлука. Што се однесува за чувствата, мислам дека премногу чувствителни станавме периодов, сега да се фокусираме на вистинските нешта, а вистинската нешта се бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и напорна работа за подобра иднина на македонските граѓани – нагласи Мицкоски.

Поврзани содржини