МИЦКОСКИ ОПТИМИСТ ДЕКА ГОДИНАВА ЌЕ ЗАВРШИ СО РАСТ ОД НАД 3,5% Расте индустриското производство ама и бројот на туристи

Иако има криза во автомобилската индустрија, тоа не ја погодува нашата држава, рече Мицкоски.

35

Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со проекциите на Европската комисија и економскиот раст на Македонија, изјави дека растот се темели на реализација на инфраструктурните капитални проекти, како и на зголемена потрошувачка, што е резултат на порастот на платите.

– Па, тој се темели на реализација на инфраструктурните капитални инвестиции и потрошувачката, поради растот на платите. Тој е позитивен, со позитивни изгледи за државата, иако јас сум оптимист дека ќе биде и поголем. Минатата година, кога бевме избрани како Влада, Светската банка предвидуваше 1,8% раст. Ние тоа го натфрливме со 70-тина проценти, имавме раст од 2,8%. Третиот квартал, минатата година беше 3%, четвртиот 3,2%, а овој очекувам растот да биде помеѓу 3,5% и 4% на бруто-домашниот производ – рече Мицкоски.






– Зошто? Затоа што сме една од ретките, можеби единствена земја во регионот која што има раст на индустриското производство, во првиот квартал. Имаме раст на туризмот. Во првиот квартал од оваа година имаме раст од повеќе од 10%, врз основ на број на туристи и ноќевања. Што е навистина редок случај во Европа — да не речам, единствен. Имаме раст во аутпутот во земјоделието. Имаме раст и во завршените градежни работи. Потрошувачката е во двоцифрен раст. Имаме раст на директни странски инвестиции, раст на извозот. Иако има криза во автомобилската индустрија, тоа не ја погодува нашата држава. Реализација на капиталните инвестиции на дневна основа. Така што првите индикатори дека одиме на добро веќе јасно се гледаат – додаде премиерот.

Тој очекува во првиот квартал од оваа година земјава да има раст помеѓу 3,5% и 4%. Инфлацијата е во март 2,7% на годишно ниво, а на месечно е -1, 3%. Во април беше 2,6%, а на месечно ниво 0,6%.

– Ако ги гледаме сите овие индикатори, можам да дојдам до заклучок дека сум уште поголем оптимист и дека има шанси да ја завршиме годината со оние проекции кои што ги имавме со раст поголем од 3,5% – објасни тој.

Поврзани содржини