Мицкоски од видеоконференцијата на ЕПП: Aпелирам да помогнете да не се кочи и да се забрза процесот на интеграција на Македонија во ЕУ
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ е спремна да ја стави Република Македонија на брзата трака за членство во Европската Унија фокусирајќи се на клучните проблеми на државата за кои се потребни суштински решенија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска учествуваше на Самитот на лидери на ЕПП во чиј фокус е Западниот Балкан од кој дел е и Македонија. Мицкоски во своето онлајн обраќање му се заблагодари на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за поддршката која ја дава за проширувањето на Унијата, но и на претседателот на ЕПП, Доналд Туск со чија поддршка е организиран овој самит со фокус на нашиот регион, соопшти партијата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека новата влада на ВМРО-ДПМНЕ е спремна да ја стави Република Македонија на брзата трака за членство во Европската Унија фокусирајќи се на клучните проблеми на државата за кои се потребни суштински решенија.
– Во оваа смисла разбираме дека мора да ги завршиме домашните задачи. Ова значи справување со корупцијата на високо ниво, воспоставување функционален систем на владеење на правото, одговорност и зајакнување на нашиот политички и судски систем, така што тој ќе биде транспарентен и ќе обезбеди рамка со која се дава правна сигурност. Ова може да се постигне и следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се посвети на овие принципи – рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека и покрај тоа што има сериозни пропусти од актуелната власт, апелира да се забрза процесот на интеграција на Македонија во Унијата, и оценувањето на нашиот напредок да се базира на стандардите, вредностите и принципите на ЕУ.
– Aпелирам да помогнете да се забрза процесот на спроведување на првата. Меѓувладина конференција што ќе овозможи започнување на пристапни преговори со Европската Унија. Ние, ВМРО-ДПМНЕ сме подготвени да ги поставиме преговорите на брза патека врз основа на најважните стандарди, вредности и принципи на ЕУ – истакна Мицкоски.