МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА РАСТ НА ПЛАТИТЕ ОД 9 ДО 10% ВО 2026 ГОДИНА Инфлацијата до крајот на годината да биде 4%, а в година меѓу 2 и 3%
Очекувам да продолжи трендот на намалување на инфлацијата за ноември и за декември и на годишно ниво да ја завршиме отприлика оваа година на 4 проценти, а веќе следната да се стабилизираме помеѓу 2 и 3 проценти.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од собраниската говорница одговорајќи на пратенички прашања изјави дека очекува следната година да продолжи досегашниот тренд во растот на платите и тој да изнесува во просек меѓу 9 и 10 проценти.
– Во буџетот се предвидени средства за сите оние буџетски корисници за коишто е предвидено зголемување согласно колективните договори, такви се во здравството, во образованието. Претпоставувам одредени колективни договори допрва ќе ги преговараме. И ние сакаме и гориме од желба да седнеме да ги преговараме, посебно во делот на администрацијата, административците кои цениме дека поради интересите на малкумина во синдикатот остануваат надвор од овој процес и одлучија да тераат политика наместо да ги бараат синдикалните права – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека очекува и зголемување на продуктивноста, нешто коешто е исто така многу важно, посебно во делот на исплата на платите и смета дека таа во последнава година го сопрела трендот на намалување.
– Очекувам инфлацијата по ова зголемување во октомври коешто се должи на ниската основа, бидејќи лани во октомври имаше есенска кошничка, да продолжи трендот на намалување за ноември и за декември и на годишно ниво да ја завршиме отприлика оваа година на четири проценти, а веќе следната да се стабилизираме помеѓу два и три проценти. И мораме да водиме сметка за капацитетот на нашата економија, барем онаа формалната – додаде Мицкоски.
Премиерот истакна дека македонската економија во изминатите 24 години генерира добивка од околу 300 илјади денари по вработен, што е некаде отприлика бруто малку-повеќе од 400 евра по вработен.
– Да претпоставиме дека сопствениците на бизниси, дали се тоа поединци, дали е тоа друштво со ограничена одговорност или АД, ќе одлучат целата добивка да ја пренесат во личниот доход на вработените. Тогаш просечната бруто плата на сите вработени ќе се зголеми за не повеќе од 24 илјади денари бруто плата месечно или тоа би било нето од околу 16 илјади денари. Од сегашните нешто над 45 илјади, ќе дојдеме до 61 илјада денари, нешто над илјада евра. Тоа под услов сопствениците на бизниси да речат ние сега не сакаме добивка, целата добивка ќе ја пренесеме во бруто плата на вработените. Тоа е формалниот капацитет на нашата економија, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека ова за него е загрижувачки, затоа што, како што вели, ова е слаб потенцијал.
– Ние мораме да работиме за да го зголемиме потенцијалот на македонската економија, да можат сопствениците на бизнисите да дадат повеќе за вработените. Тоа мораме да го направиме. И тоа го правиме. Кога ќе се промени таа конфигурација и таа структура, тогаш веќе се ќе биде поинаку, тогаш состојбата ќе биде поинаква и вработените и работниците, јас сум убеден, ќе имаат и поголеми плати, и се ќе биде поинаку. Но во овој момент ова е максимумот на македонската економија, нагласи тој.
Мицкоски уште еднаш потенцира дека сето она што се однесува на државата, што е постигнато како договор со синдикатите, во образованието, во здравството, во другите сегменти, ќе биде максимално испочитувано, како и сето она што следува согласно закон, а е резултат на нивелирање на минималната плата, која што по закон исто така ќе биде зголемена, доколку работодавачите и работниците не постигнат поинаков договор. Најави дека на почетокот на декември ќе има Економски социјален совет на кој ќе се отворат сите овие прашања.