МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА 60 ГРАДОНАЧАЛНИЧКИ МАНДАТИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ Заедно со коалициските партнери ќе победиме во вкупно 70 општини

Тоа е резултат што нѐ обврзува, но и нѐ мотивира да работиме уште попосветено и посилно, рече Мицковски на средба со граѓаните во Дебарца.

84

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера од собир во селото Волино, Општина Дебарца, порача дека овие локални избори неговата партија ќе ја заврши со „фантастична бројка од обезбедени 60 градоначалнички мандати“.

На оваа бројка, рече тој, ќе ја додадеме и бројката на победи за советите во 59 општини, освоени на 19 октомври.






– Тоа е резултат што не обврзува, но и нѐ мотивира да работиме уште попосветено и посилно, иако како Влада изминатите 16 месеци навистина премногу интензивно се вложивме за да докажеме дека може поинаку. Ние чуда ниту ветуваме ниту чуда се возможни, туку веруваме дека скромно и посветено, чесно успеавме да обезбедиме историска победа на овие локални избори – рече Мицкоски.

Тој истакна дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Златко Сиљаноски, како иден градоначалник на Дебрца, ќе ја има целосната поддршка на централната власт, а сè во насока на подобрување на животот на граѓаните на општината.

Според него, овие избори јасно покажале која е политичката опција што граѓаните ја поддржуваат.

– Кога на резултатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе се додадат и резултатите на останатите владини коалициски партнери, во кои огромна заслуга има ВМРО-ДПМНЕ, тогаш доаѓаме до бројка од фантастични над 70 градоначалници, нешто што досега не го памети независна Македонија – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ги повика и граѓаните кои гласале за СДСМ во првиот круг, во вториот в недела да излезат и да го дадат својот глас за Златко Сиљаноски и на тој начин да го делигитимираат актуелното раководство на социјалдемократите.

Кандидатот за градоначалник Златко Сиљаноски во обраќањето пред гласачите рече дека нуди реална, проверена програма што во целост ќе биде исполнета, во интерес на секој граѓанин на Дебарца и за секое населено место во општината.

– Наша цел е да го подобриме животниот стандард на сите граѓани без какви било поделби. Тоа е нашето мото на кое ќе бидеме целосно посветени. Заедно со советничката листа, со помошта на централната власт остануваме посветени да ја направиме општина Дебарца прекрасно место за живеење на сите граѓани – рече тој.

Христијан Мицкоски заедно со кандидатот за градоначаник на Општина Дебарца Златко Силјановски во посета на Волино (Фото: Фејсбук профил на Христијан Мицкоски)
Поврзани содржини