МИЦКОСКИ ОБЈАВИ ВОЈНА ПРОТИВ БАНДИТИЗМОТ Премиерот најави рушење на „широката коалиција“ на криминал и корупција

Премиерот во обраќањето пред Владата порача дека ќе одговараат сите и дека ова е пресметка со недопирливите.

339

Најголем предизвик во периодот кој следи за премиерот Христијан Мицкоски и за Владата ќе биде овозможување систем кој ќе може брзо да ја испорача правдата и во кој нема да може да функционира „бандитизмот“ создаден од политички и бизнис структури кои работат во широка коалиција, бидејќи, според него, од тоа ќе зависат многу следни политички случувања во државата.

– Во оваа една година отворивме силна борба против криминалот. Се започнаа акции против оние кои порано се сметаа за недопирливи. Денес тие неславни корифеи на неправдата се бегство од законот, а силно се удри и по наркобандите особено во Скопје. Онаму каде сметам дека може подобро е борбата за независно судство и обвинителство кое сега го немаме. Не сум задоволен од динамиката на испорачување на правдата и постојат очигледни спреги меѓу тој свет и светот на политичката бизнис мафија која го конструирала тој систем против кој сакаме да се бориме и ако ме прашате мене јас очекувам одговорност и народот очекува одговорност и тоа мора да биде прва работа која ќе нѐ води, да донесеме правда и да го урнеме тој систем на бандитизам создаден од политички и бизнис структури за кои нема ни етнички и политички разлики туку функционираат во широки коалиции. Тоа ќе биде мој најголем предизвик во периодот кој следи и од таа динамика ќе зависат многу следни политички случувања во државата – рече вечерва премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на настанот по повод една година од Владата, под слоганот „Доаѓа времето на Македонија! Ги градиме темелите на промените“.






Притоа тој се осврна и на како што рече, најтешкиот ден како премер, несреќата во Кочани.

– Таа несреќа, колку и да се трудат политички да ја злоупотребат е последица на со години руинираниот систем кој беше уништуван. Јас не можев тоа да го спречам, но ќе направам се тоа да не се повтори. И како политички фактор од првиот ден испратив реална порака дека правда мора да има и без оглед за кого се работи мора да биде одговорност. Јас и денес стојам на истиот став а обвинителството е на тест да докаже вистина и судот да спроведе правда. Но исто така сакам да соопштам дека како Влада сме во преговори за обезбедување на историски највисокиот инвестициски пакет за обнова и поддршка на Кочани. Работиме на тоа да покажеме дека за нас е важно и дека граѓаните не се сами – рече премиерот.

Македонија, додаде мора да оди напред и притоа нагласи дека тој никогаш нема да дозволи земјата да биде понижена.

– Сакам да се осврнам и на оние кои велат дека Македонија била понижена. Тоа се истите оние кои сменија име, направија договор со Бугарија, кои ја пљачкаа Македонија и се потпишуваа. Македонија никогаш повеќе немаа да дозволам да биде понижена, зошто тоа време заврши – рече македонскиот премиер.

Се заблагодари „искрено и со цело срце до народот кој дошол да проследи што имаат да кажат како Влада, до секој еден човек кој има очекувања и има надеж за нашата држава.

– Сето ова има смисла само за вас. Благодарност до мојот тим и тимот министри од Владата. Секогаш може подобро но ова беа најжестокото работно темпо за да Македонија ја извадиме на површина. Најдоброто допрва доаѓа, најдоброто за сите вас. Денеска ги сееме, а потоа ќе ги жнееме плодовите од нашата работа – нагласи премиерот.

Потсети дека воедно се започнати и реформи во Министерството за внатрешни работи. Целосно, нагласи тој, е решен хаосот со издавање на пасоши, набавена уште една машина за печатење лични документи и целосно решен процесот на издавање на лични документи.

– Целосно се реновирани управни служби во Скопје со кои граѓаните на Скопје ќе имаат пристап до брзи, модерни и навремени услуги. Во завршна фаза е системот „Безбеден град“, за автоматска евиденција на сообраќајни прекршоци за безбедност во сообраќајот. За 10% се зголеми платата за сите вработени во Министерството за внатрешни работи. Вработени се 1000 полициски службеници. Обезбедени се 36 нови возила за полицијата за поголема ефикасност и модернизација во секој сегмент на работењето на полицијата – рече македонскиот премиер.

Додаде дека е зголемена целосната ефикасност на полицијата со севкупен криминалитет за 5.8%, оти се разбиени голем број криминални групи од областа на организираниот криминал, корупцијата, нелегална трговија со дрога и оружје.

Во делот на правдата, нагласи Мицкоски, поништена одлуката на минатата влада за десеткратно поскапување на нотарските тарифи.

– После 14 години овозможивме целосна имплементација на системот Фемида – аудио-визуелен систем за снимање на судските рочишта, за транспарентност и одговорност на судството пред граѓаните. Сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени или се во финална фаза на усвојување – рече премиерот Мицкоски.

Тој во обраќањето се осврна на делот на меѓуетничките односи, истакнувајќи дека се работи на нивно релаксирање.

– Усвоивме нова програма за унапредување и поддршка на етничките заедници со цел унапредување на меѓуетничките односи и јакнење на мултикултурната кохезија, како и промоција на мултикултурните вредности. За прв пат е изработен Стратешки план за гарантирање на правата на сите етнички заедници и унапредување на меѓуетничките односи – рече Мицкоски.

Поврзани содржини