Во овие тешки моменти на голема криза, наместо да имаат на мисла како да спасат животи, тие смислуваат лажни вести. Но, вистината победува. И уште една голема благодарност до премиерот на Словенија и пријател на Македонија, Јанез Јанша, пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, исткнувајќи дека нуди доказ наспроти „лажните вести“.
„Што се однесува до бројот на тестовите, брзо по пандемијата ќе се види кој лажел, а богами и кој крадел. Да се фокусираме сега на она што е најважно за граѓаните, здравјето и спасот од сиромаштија“, напиша Мицкоски.
Откако Владата на Словенија и Министерството за одбрана соопштија дека помошта што стигна во петокот е испратена на барање на Северна Македонија, во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и како дел од координацијата на сојузниците во НАТО, денеска на Твитер се огласи и Јанша:
„Веднаш по повикот од Христијан Мицкоски, кој ја извести Владата на Република Словенија за крајно лошата состојба во Македонија со коронавирусот, ги поврзавме Министерството за одбрана на Словенија и Министерството за внатрешни работи на Македонија и во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, испративме помош на пријателска држава. Во исто време, лично повикав некои од лидерите во ЕУ да не ги забораваат државите од Западен Балкан“, напиша словенечкиот премиер.