„МИЦКОСКИ НЕ САКА НИ РЕФОРМИ НИ ПРАВДА“ Филипче ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сака судство под контрола

Власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи во правосудството, но тоа СДСМ нема да го дозволи, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на трибина во Штип.

35

Го слушам Мицкоски вчера, вика после изборите ќе донеле правда, а немало правда заради СДСМ и Филипче. Мицкоски, дали си ти уште во опозиција, праша вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Штип.

– Што направи ти за правдата да кажеш после година и пол? Што? Освен што вработивте во судството и обвинителството ваши луѓе – баџанаци, сопрузи на градоначалници. Што друго направивте – праша Филипче.






Тој потенцираше дека власта на ВМРО-ДПМНЕ нема вистинска намера да донесе реформи во правосудството и  додаде дека тоа СДСМ нема да го дозволи.

– Вистината е дека не сакате правда, сакате ваша правда, контролирана правда. За да сеете страв, да вршите притисоци и да владеете со уцени. Тоа сакате и ништо друго. Ама СДСМ тоа нема да го дозволи. Тој филм го гледавме и го знаеме – порача Филипче.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ свесно бега од реформите и ги блокира сите обиди за подобрување на системот и затоа од нив граѓаните не може да очекуваат правда.

– И баш затоа не спроведувате реформи, затоа ги фрливте законите во ѓубре, затоа избегавте од нашата понуда на СДСМ заедно да ги направиме реформите. Со ВМРО-ДПМНЕ правда нема – рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Ова е момент на нов почеток, ако се откажеме, ќе ја оставиме иднината во раце на оние што ја враќаат старата матрица: блиските добиваат, останатите не се важни, додаде Филипче.

– СДСМ на овие избори излегува со нова понуда и нова енергија: чесни и проверени луѓе, кандидати со професија и резултати, луѓе со интегритет што ќе работат за вас, не за партија. Луѓе што нема да ми одговараат мене, ќе одговараат пред вас граѓаните. Ова е суштинската разлика меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ, ние нудиме локална власт како сервис за граѓаните. Ќе нè гледате и ќе нè контролирате. Така се враќа довербата – рече Филипче.

Додаде дека кандидатот за градоначалник на Штип Павел Иванов и неговиот тим кандидати за советници имаат план со кој младите ќе сакаат останат дома, план со кој Штип ќе биде зелен град со брз локален, економски развој и инфраструктурен развој.

 

Поврзани содржини