Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва, на новинарско прашање како го коментира барањето од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да си поднесе оставка штом не се согласува со предлог законот за амнестија, рече дека тој, за разлика од Мицкоски, нема проблем да искажува свои ставови.
– Бесмислено е да коментирам изјави на политички лидери. Јас сум политичар кој гласно и јасно го кажува својот став. И апсолутно сметам дека ако секој од политичарите има одговорност и ги кажува јасно ставовите, државата ќе оди напред. Сакав да слушнам многупати ставови од Мицкоски како лидер на опозицијата за многу прашања, но, за жал, не можеме да слушнеме ставови од него. Жално е што тој тоа не може да го разбере – изјави министерот Спасовски кој со потесното раководство на МВР вечерва ги посети полициските службеници кои спроведуваат превентивна активност кај ТЦ Бисер, во Општина Аеродром.