МИЦКОСКИ НА СРЕДБИ ЗА ДА СЕ ИЗБЕРЕ НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ Ќе разговара со пратениците и со пратеничките групи
По заминувањето на досегашниот народен правобранител Насер Зибери во пензија, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го предложи Фатон Сељами за народен правобранител, но тој не може да биде изгласан затоа што нема доволен број пратеници за гласање по Бадентер, односно недостигаат гласовите од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во периодот што следи ќе има средби со пратеници и со пратенички групи со цел да се реши прашањето со изборот на народниот правобранител, за кој е потребно Бадентерово мнозинство.
– Ќе разговараме со повеќе пратеници и пратенички групи за да се надмине овој проблем. Цениме дека треба да се надмине бидејќи е дел од Извештајот што го подготвува Европската комисија за напредокот на Македонија како држава. И доколку сите сакаме да се придвижиме напред, доколку сите имаме желба да ја видиме земјата како рамноправен дел во рамки на Европската Унија, тогаш не гледам причина зошто едно такво решение да не поддржано и сето ова да не биде завршено – изјави денеска Мицкоски при посетата на Кавадарци.
По заминувањето на досегашниот народен правобранител Насер Зибери во пензија, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го предложи Фатон Сељами за народен правобранител, но тој не може да биде изгласан затоа што нема доволен број пратеници за гласање по Бадентер, односно недостигаат гласовите од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
И претседателот на Собранието Африм Гаши на една од средбите со новинарите во декември апелираше до пратениците да се најде политичка волја и да се избере народниот правобранител.
– Знаете дека треба да се изгласа со мнозинство и со Бадентерово мнозинство (20 пратеници од заедниците). Ја користам оваа можност преку вас медиумите да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да најдеме решение, да седнат политичките актери да најдат решение. Да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е Народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари – рече Гаши.