МИЦКОСКИ НАЈАВИ ПОЛИТИЧКИ ПОТОП Ќе паднат во историски дебакл, народот ќе победи, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека за СДСМ и ДУИ овие избори се борба за спас на бизниси, а не за граѓаните.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на народниот митинг во Гевгелија упати серија критики кон своите политички противници, тврдејќи дека локалните избори претставуваат борба за спас на нивните кариери и бизниси, но дека, според него, ќе доживеат „огромен дебакл“.
– Јасно е дека ова не се само локални избори, туку од вашиот глас зависи и тоа како ќе се развива државата и во кој правец ќе се движи. За нашите противници ова се избори каде тие сакаат да си ги спасат политичките кариери, но зад тоа стои намерата на човекот кој си ја приватизираше партијата и управува час од Дубаи, час од Струмица, да си ги штити бизнисите и слободата – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека власта ја злоупотребува контролата врз судството и обвинителството, укажувајќи на примерот со одлуката за куќен притвор за случајот со сомнежи за криминал во РЕК Битола.
– Клучот за нивното сценарио се состои во контролираното судство и обвинителство, чии резултати ги видовме вчера. За сомнеж за криминал од 100 милиони евра, куќен притвор. И затоа СДСМ и ДУИ не гласаат за смена на Љупчо Коцевски, затоа што тоа е последниот бастион на длабоката држава со која ќе расчистиме после овие избори – нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека противниците се нервозни бидејќи знаат дека повторно ќе изгубат, додавајќи дека нивната кампања се базира само на навреди и демагогија.
– На овие избори одат со гола демагогија и грст навреди, наместо со програма и проекти. Знаат дека ова е нивниот последен крик, бидејќи народот им ја виде играта. Се борат не за вашиот дом, туку за заштита на нивните украдени пари – рече тој, обвинувајќи дека „ќе направат секакви отстапки само за да останат на власт“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така ја критикуваше изјавата на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, дека судството е професионално, нарекувајќи ја „навреда за граѓаните“.
– Филипче говори за црвени линии, а тоа за него значи нов подарок за Бугарија и ново газење на македонските интереси – порача Мицкоски.
Тој обвини дека дел од јавноста блиска до власта „повикува на негова ликвидација“, а од СДСМ не се оградуваат од таквите изјави.
– Повиците за убиство, поклоните кон Бугарија и судството со 2% доверба се понудата на оваа власт. Затоа сум убеден дека на 19 октомври ќе доживеат нов историски дебакл – изјави Мицкоски.
Во завршницата на својот говор, Мицкоски ги повика граѓаните на 19 октомври да гласаат за број 9, нагласувајќи дека изборот е „помеѓу иднината и безнадежноста“.
– Нашата борба не е само за една општина, туку за секое семејство, секое дете и секој млад човек што сака да остане во Македонија. Ајде заедно да ја изградиме иднината за која ќе бидеме горди – порача Мицкоски.