🎥 МИЦКОСКИ НАЈАВИ КРАЈ НА ЧУВАЊЕТО ИСТРАГИ ВО ФИОКА, АКТИВНИ СЕ 50 ПРЕДМЕТИ НА ВИСОКА КОРУПЦИЈА Се формираше Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот
Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани - рече Мицкоски.
Во моментов се водат над 50 предмети за висока корупција, кои претходно биле затскривани, одложувани или целосно игнорирани од институциите – истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќање на денешната конститутивна седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот. Мицкоски порача дека државата повеќе нема да толерира случаи што со години биле чувани „во фиока“.
Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот се конституира како централен механизам во најавената засилена борба против криминалот и корупцијата. Според Мицкоски, станува збор за тело кое ќе овозможи системски пристап и реални резултати, а не формално исполнување на законски обврски.
– Оваа Влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Повеќе од 50 предмети за висока корупција се во постапка, случаи кои со години биле затскриени, одложувани или игнорирани – рече Мицкоски.
Тој најави дека ова не е крај на процесот, туку почеток на отворање нови случаи и спроведување темелни истраги, со цел враќање на довербата на граѓаните во државата и институциите. Премиерот потенцираше дека нема да има селективност во постапувањето и дека никој нема да биде заштитен.
– Нема селективна правда. Нема заштитени. Нема недопирливи – нагласи Мицкоски.
Во тој контекст, тој посочи дека клучен предуслов за успешна борба против корупцијата е јакнење на судството и обвинителството – институционално, кадровски и функционално. Според него, само независни и професионални правосудни институции можат да обезбедат ефикасна и правична правда.
Посебен акцент беше ставен на финансиските истраги и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот, како завршна и најважна фаза во борбата против криминалот. Мицкоски порача дека кривичната постапка не е доволна доколку криминалот остане исплатлив.
– Борбата мора да заврши со одземање на незаконски стекнатиот имот. Затоа што криминалот не смее да се исплати. Украденото мора да се врати кај народот – рече тој.
Стратегијата за периодот 2025–2028 година, како што беше посочено, предвидува три приоритети: пронаоѓање и следење на незаконски стекнатиот имот и во земјата и во странство, негово брзо и законито привремено обезбедување и конфискација, како и ефикасно управување со одземениот имот, вклучително и негова повторна употреба за социјални цели.
Националниот совет, кој ќе функционира под водство на потпретседателот на Владата задолжен за добро владеење, ќе има координативна и надзорна улога во целиот процес. Од неговите членови, Мицкоски побара професионалност, интегритет и конкретни резултати.

– Денеска поставуваме темели на систем во кој правдата не е декларација, туку пракса, а борбата против корупцијата не е политички слоган, туку државна политика – истакна премиерот.
На крајот од обраќањето, Мицкоски порача дека оваа борба е суштинска за правната држава, довербата во институциите и достоинството на граѓаните, нагласувајќи дека Владата нема да отстапи од тој курс.