МИЦКОСКИ НАЈАВИ ДОБРИ ВЕСТИ ВО ВРСКА СО ВИЗИТЕ ЗА САД Жалам за рафалните критики од опозицијата кон нашиот стратешки партнер
Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро македонските граѓани ќе чујат многу добри вести во врска со визите за Соединетите Американски Држави.
Тој денеска во Кратово одговараше на новинарско прашање за коментар на одлуката на САД да го замрзне издавањето иселенички визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија.
– Министерствто за надворешни работи и надворешна трговија даде свој коментар, станува збор за емигрантските визи, не за оние визи за потребите за студирање, за туристички посети итн. Во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер – рече премиерот Мицкоски.
Тој изрази жалење за тоа како се однесува опозицијата во врска со одлуката на САД.
– Жалам што опозицијата после жестоките и рафалните критики кон нашиот стратешки партнер Обединетото Кралство сега го прави истото и против САД. Ќе ве потсетам, не така одамна, кога беа наметнати оние трговски тарифи од 35 отсто, истите тие опозициски перјаници, кои јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелираше таа стапка на 15 отсто. Така што, јас би бил внимателен и трпелив и наскоро очекувам многу добри вести за македонските граѓани – рече премиерот.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, вчера, исто така, најави позитивна вест во врска со визите за САД и додаде дека се во комуникација со Амбасадата на САД во Скопје, а македонската амбасада во Вашингтон комуницира со Стејт департментот.
– Соединетите Американски Држави ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи, но тоа не влијае врз другите постапки за студенти, стопанственици, туристи и слично. Не прекин, не црна листа, туку пауза за постапки за иселеничките визи. Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, па можеби во следните 6 месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме. Ние со САД имаме таков однос што сите прашања од ваков тип ги решаваме, а тоа го видовте особено во делот на тарифите, имаме меѓу најдобрите тарифни рати не само во Европа туку и пошироко и очекуваме по нашите дискусии во слендиот период да добиеме уште подобри услови – рече Муцунски.