Мицкоски најави дека Симовски и Заев за пописот ќе одговараат кривично и прекршочно

Оваа операција ќе биде сѐ, само не статистичка, туку политичка операција и сите соучесници во оваа операција треба да се свесни дека во еден момент некој ќе ги испита нивните потези и ќе повика на кривична одговорност, а кај некои и прекршочна одговорност за тоа што го прави, вели Мицкоски.

756

Директорот на Државниот завод за статистика, но и сите учесници во оваа политичка, а не статистичка операција ќе понесат кривична и прекршочна одговорност, најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Македонско радио, ако власта според најавената методологија го спроведе пописот.

– Изминатиот период гледаме еден циркус којшто се поврзува со пописот, а не би требало тоа да биде, не знаат ни самите што прават, тргни напред, врати се назад. Така што се создава уште поголема заблуда и уште поголемо недоразбирање и уште поголема недоверба помеѓу граѓаните за статистичката операција којашто тие треба да ја спроведат, односно за пописот. Така што тие може да спроведат операција на сила којашто ќе ја наречат попис, но таа операција којашто тие планираат да ја спроведат според таа методологија и вака како што ја спроведуваат можам да кажам дека нема да има абер од попис, и нема да имаат никаква врска со параметрите врз кои што Македонија треба да се развива во иднина – вели Мицкоски






Тој вели дека има месец и пол до почеток на пописот и праша каде и кога ќе се одржи обуката на тимовите попишувачи коишто ќе излезат на терен.

Мицкоски посочи дека уште во ноември лани побарале да се набават терминали за отпечаток на прст, но од страна на власта му било одговорено дека нема време, иако како што вели, владата во Албанија, за изборите во април ,обезбедила вакви терминали за само неколку месеци.

– Се сеќавате кога предложивме да има терминали коишто ќе земаат отпечатоци од прст и ќе ги споредуваат со базата на податоци, тогаш ни велеа дека немало време. Еве денеска е познат фактот дека нашиот западен сосед Албанија за следните избори коишто ќе се случат во април месец оваа година отпочнаа процедура на почетокот од месец декември минатата година и веќе ја завршија, и успешно истата ја имплементираат.  Што значи дека им беа потребни помалку од три месеци, а нас во ноември месец кога за прв пат ја споменавме ова идеја, практично не одбија со изговор дека нема доволно време за да се спроведе набавката на овие терминали за отпечаток на прст или познати во јавноста како фингерпринт терминали – рече тој.

Мицкоски, е дециден и вели дека ќе дојде момент кога директорот на Државниот завод за статистика, но и сите учесници во оваа политичка, а не статистичка операција ќе понесат кривична и прекршочна одговорност.

– Според она што е наш став и според она коешто во јавноста е познато, презентирано од страна на директорот на Државниот завод за статистика којшто треба да знае дека ќе дојде денот кога ќе се соочи со кривична одговорност за ова што го прави и Зоран Заев. Оваа операција ќе биде сѐ, само не статистичка, туку политичка операција и сите соучесници во оваа операција треба да се свесни дека во еден момент некој ќе ги испита нивните потези и ќе повика на кривична одговорност, а кај некои и прекршочна одговорност за тоа што го прави – кажа Мицкоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ почнала со институционална постапка за поништување на законот за попис, но од страна на спикерот на собранието не била прифатена, додавајќи дека следните чекори ќе започнат веќе овој викенд.

– ВМРО-ДПМНЕ отпочна институционална собраниска процедура за поднесува на закон за поништување на Законот за попис. За жал, истата не беше прифатена од страна на спикерот на парламентот. Во деновите коишто следат, партијата ќе излезе со прес конференција на којашто ќе ги соопшти следните чекори, а следните чекори ќе започнат веќе овој викенд и ќе траат во периодот којшто следи и сето тоа на крај ќе финишира повторно со поднесување на законска иницијатива во рамките на парламентот за поништување на законот за попис – истакна Мицкоски.

 

Поврзани содржини