Мицкоски: Нѐ чекаат вистински црни денови
Мицкоски побара од министерката за култура да поднесе оставка поради тоа што, како што рече, владата ги свела културните работници на социјални случаи.
Четвртиот пакет на мерки на мафијата во владата е последниот обид за сламката за спас во услови кога економијата пропаѓа, смета Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
– Четвртиот пакет практично не само што е задоцнет, не само што нема да одговори соодветно на потребите на македонската економија и граѓаните, туку напротив истиот тој дополнително ќе ја продлабочи и онака тешката состојба која што е во државата. Кога веќе се прави четврт пакет на мерки треба да се види искуството од претходните три. А, тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40.000 невработени за 5 месеци и минус речиси 13% намалување на бруто домашниот производ рекорден во вториот квартал. Токму затоа и четвртиот пакета мерки е промашен обид да се дефукусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен – рече Мицкоски.
Според него, досегашните три пакети мерки беа лошо насочени и недоволни за да ги амортизираат негативните ефекти од кризата, а нивната единствена цел бил предизборен институционален поткуп.
– Во услови кога владата во првите осум месеци од годината потроши речиси 120 милијарди денари пари на граѓаните и 35 милијарди денари од задолжувања, реализирани се капитални инвестиции во износ од скромни нешто повеќе од 7,7 милијарди денари. Ова сериозно ја поткопа одржливоста на економијата. Земјата е на историски највисоко ниво на задолженост без фискален простор за поттикнување на идниот економски развој. Колку и да звучи песимистички, македонската економија со оваа влада која нема капацитет и системски пристап за справување со кризата, ниту економска стратегија за иднината, ја очекуваат вистински црни денови – рече тој.
Тој потсети дека некои бомбастично најавувани мерки за помош на граѓаните и на македонската економија воопшто не се исполнети. Мицкоски ги наведе ветените 150 милиони евра државна гаранција за компаниите кои што ќе земат кредит од комерцијалните банки, мерката за околу 31 милион евра евтини кредити со субвенционирана каматна стапка од страна на Владата и 30% грант за компании управувани од жени кои вработуваат млади луѓе извозно ориентирани.
– Пред изборите ни беше бомбастично најавувано дека во септември месец секој викенд граѓаните ќе го користат купувајќи, а при тоа ќе биде одземена сумата која што ќе ја платат како данок на додадена вредност. Септември месец помина, а денеска гледаме како на лажичка повторно на граѓаните им се ветува дека тоа всушност нема да бидат четири викенди, туку тоа ќе биде еден викенд и тоа во месец октомври, оној празничен викенд помеѓу 10 и 12-ти октомври и нема тоа да биде без ограничувања како што тоа беше ветувано во предизборието, туку тоа ќе биде со ограничување од 30.000 денари и нема да биде намалена цената која што ќе платат, туку тие ќе го финансираат данокот на додадена вредност, потоа тие ќе ја скенираат фискалната сметка и доколку сумата не надминува 30.000 денари тогаш ќе чекаат од страна на Министерството за финансии да им го врати данокот на додадена вредност. Уште една брутална лага, којашто беше дел од спроведените талибански предвремени парламентарни избори – рече Мицкоски.
Тој се осврна на еден, како што рече, загрижувачки момент, а тоа е дека Владата ги направи културните работници социјални случаи, па ги стави го групата на социјално ранливи категории и со срамни 6.000 денари еднократна помош се обидува да го надомести сето она кое што се случуваше во изминатиов период.
– Брутален срам кој што денеска им е нанесен на културните работници и веднаш после оваа денешна прес конференција и оваа срамна мерка, министерката за култура треба да поднесе неотповиклива оставка, бидејќи нејзините колеги културните работници, таа самата како соучесник во мафијашкото однесување на Зоран Заев, ги стави во групата на социјално ранлива категорија и ги направи социјални случаи – рече Мицкоски.
Тој ја цитираше Стефани Ебле, резидентен претставник на ММФ и одговорна за Западен Балкан, според која се ревидира падот на македонската економија во негативна смисла за 2020 година од 4% на 5,5%. Тоа, според Мицкоски, е уште еден доказ дека мерките кои што се донесени, ниту биле соодветни ниту пак помогнале во справување со кризата и здравствена, но и економска, туку единствено имале за цел институционален поткуп за спроведување на талибански избори.