Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг во општина Радовиш порача дека не прави пактови со криминалците и измамниците и му порача на Заев дека е за исчистена Македонија од криминалци и измамници како оние на власт.
– Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија, изборот е едноставен на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнацијата на државата, експериментите во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, предавствата или ќе создадеме сите заедно една нова, поинаква, различна и подобра иднина – истакна Мицкоски.
Тој праша дали народот е подготвен да им подари нови четири години на истите луѓе кои веќе два пати до сега ги изневерија очекувањата. Мицкоски вели дека повисоките цени го јадат семејниот буџет а половина милион луѓе живеат со сто и педест денари на ден.
– Додека гореа 14-те луѓе во Тетово, Заев следниот ден го достави Законот за марихуана во парламентот за да му помине и да му дозволи семеен извоз, нема ден без скандали, нема скандал со правна завршница – вели Мицкоски.
Тој истакна дека Заев вчера во Тетово говорел за „чиста Македонија“ во некаков етнички контекст и истото го поврзувал со ВМРО-ДПМНЕ.
– Го гледам и се чудам, тој е убеден дека со уште една нова лага, ќе им се прикаже за спасител на другите заедници, а ние да бидеме лошите, оние назадните, прво никогаш не сум изговорил таков збор, тоа не е дел од мојот речник, тоа не е дел од моето размислување, но еве, штом го споменал зборот „чиста“, да му одговорам – јас сум за исчистена Македонија од криминалци и измамници како што сте вие – му порача Мицкоски на Заев.
Мицкоски посочи исто така дека не сака криминалци и измамници да ја влечат Македонија назад и не сака пактови со нив.