МИЦКОСКИ МУ ПОРАЧА НА ФИЛИПЧЕ ДЕКА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ЈА ПРАВИ ВЛАДАТА И ПО 2028 ГОДИНА Премиерот го нарече лидерот на СДСМ меко ткиво на македонската политичка сцена
За жал со вакви ненародни политики што ги имате го претставувате мекото ткиво на македонскиот идентитет и на македонската политичка сцена и со вакви мекотелни изјави и прашања кои што сега ги поставувате, не гледам како да повратите барем малку од онаа супстанца, која што ја изгубивте кај македонските гласачи, му рече Мицкоски на Филипче одговарајќи на пратеничко прашање.
Премиерот Христијан Мицкоски жали што СДСМ ги напаѓа пензионерите и мисли дека тоа не е добра тема. На пратенички прашања во Собранието тој денеска рече дека Венко Филипче и СДСМ ги напаѓаат пензионерите и нивните покачени пензии, но дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на пензионерите и на сите граѓани.
– Ние ќе продолжиме да работиме во интересот на пензионерите, исто како што ќе продолжиме да работиме во интересот на сите работници. Последните податоци на ДЗС велат дека просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба повеќе? Да. Но тоа се можностите кои што во овој момент македонската економија ги има и тоа се можностите кои што ние како Влада ги имаме во смисла на тоа да се договориме со нашите колеги во образованието, во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за одбрана, во здравството, каде што и вие добивате плата, и во останатите сектори, вклучително и последниот договор што го направивме со УПОЗ и САДУ и да постигнеме договор за примањата на нашите колеги до 2028 година, до кога оваа влада има добиено мандат од граѓаните – рече Мицкоски.
А после тоа ќе видиме, додаде тој.
– Но, уште сега ви кажувам дека и после 2028 година ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери ќе ја формираат следната влада. А за жал со вакви ненародни политики што ги имате го претставувате мекото ткиво на македонскиот идентитет и на македонската политичка сцена и со вакви мекотелни изјави и прашања кои што сега ги поставувате, не гледам како да повратите барем малку од онаа супстанца, која што ја изгубивте кај македонските гласачи. Но, тоа е ваш проблем, не е мој проблем – му рече Мицкоски на Филипче одговарајќи на пратеничко прашање.
Тој смета дека СДСМ не ја научил лекцијата и дека удира повторно по група луѓе кои што за време на транзицијата, претходници во СДСМ ги оставиле на улица, а денес се пензионери.
– И за жал, пред доаѓањето на оваа Влада, нивните пензии беа катастрофални. Со доаѓањето на оваа влада нивните пензии сè уште не се во најдобра кондиција, онакви какви што заслужуваат да бидат. Но, еве колку што можевме имајќи предвид дека наследивме празен буџет кој што претходната влада на СДСМ и ДУИ го испразни и немилосрдно го истроши, успеавме да заштедиме средства и на пензионерите да им ја зголемиме пензијата – рече Мицкоски.