Мицкоски: Можни се три сценарија за македонската економија
Ако вака продолжат да ја водат тврдоглаво политиката не би ме чудело да излезе некој преставник на владата или ресорниот министер Нина Ангеловска, или можеби Зоран Заев после процесот на самоизолација со некоја брилијантна идеја да посегне и по пензиите на пензионерите исто како што се обидоа да посегнат и по примањата на вработените во администрацијата - нагласи Мицкоски.
Во вестите на телевизија Алфа, вклучување имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој посочи дека се можни три сценарија за економската состојба во земјава.
– Видете, јас не ги споменав тие три сценарија случајно бидејќи тие три сценарија на 1-ви април на прес-конференција ги презентираше надлежниот ресорен министер, Нина Ангеловска. И таа во тие три сценарија кажа дека очекуваат намалување на приходната страна во буџетот и да се движи од минус 20 преку минус 30 до минус 40 проценти. Односно дека првично планираниот дефицит од 300 милиони евра можно е во најблагото сценарио да се зголеми за дополнително 700 милиони, во второто сценарио околу една милијарда и во третото сценарио околу една милијарда и 300 – рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека кога ќе се додадат и 300 милиони евра веќе првично планирани, тогаш во приходната страна на буџетот во еден момент ќе недостасуваат во зависност од кое сценарио ќе се случи од милијарда до една милијарда и 600 милиони евра.
– Вие мора некако да најдете пари од екстерни извори бидејќи така рече Зоран Заев – „Пари ќе бараме надвор“. Иако сега удира по џебот на граѓаните со зголемување на акцизата, но еве ќе сме барале пари надвор. Вас во еден монент ќе ви недостасуваат повеќе од една ипол до две милијарди евра. И тоа само да можете да ги сервисирате задолжувањето од минатото и да го покриете дефицитот во буџетот. Без да имате било каква поддршка за стопанството. Тука е неминовно зголемување на јавниот долг од овој степен кој што е сега, а тоа е ако го земеме пресек 31 декември 2019-тата околу 49 отсто, попрецизно 48,9 отсто до најмалку 65 отсто. А, може и да дојдеме до 70 отсто од БДП. Затоа ни е неопходно интервенција и тоа сериозна интервенција во расходната страна во овие ставки во кои што зборуваме – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека е добро што уште една мерка ја прифатија која произлегува од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа значи дека полека, полека прифаќаат од она кое што ние како опозиција, им го нудиме. Во текот на вчерашниот ден видовме дека три политики кои што ги понудивме ги прифаќаат. И Народната Банка прифаќа мерка да ослободи од ликвидност и истата очекувам од министерството за финансии да ја запише. Така што тоа е еден начин како во овие први ударни три месеци кога е пикот на пандемијата, и кога стопанството не работи да му се помогне, за да остане живо – истакна Мицкоски.
– Ако вака продолжат да ја водат тврдоглаво политиката не би ме чудело да излезе некој преставник на владата или ресорниот министер Нина Ангеловска, или можеби Зоран Заев после процесот на самоизолација со некоја брилијантна идеја да посегне и по пензиите на пензионерите исто како што се обидоа да посегнат и по примањата на вработените во администрацијата – нагласи Мицкоски.