Мицкоски: Можеме и утре да го победиме СДСМ, но не ни требаат Фејсбук избори
Ќе има луѓе кои ќе треба да се претстават пред граѓаните, од врата на врата, да ја претстават програмата, на крајот на денот граѓаните гласаат за програма, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за 24 ТВ.
Можеме утре да одиме на избори и да го победиме СДСМ со двоцифрен број пратеници. Но, најдобро време за одржување на парламентарни избори ќе биде кога ќе нема опасност од новозаболени од коронавирусот, кога ќе констатираме дека економијата ни е застаната на нозе, кога нема да зборуваме за Фејсбук избори, рече лидерот на СДСМ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување на 24 ТВ.
– Инаку, теоретски, според роковите кои се обврзувачки, најбрз термин за изборно соочување е првата половина на јули – рече Мицкоски.
Лидерот на опозицијата потврди дека на 12 мај ќе има лидерска средба.
Тој рече дека ако се направи анкета дали граѓаните сакаат избори сега или понатаму, најголем дел ќе речат понатаму.
– Граѓаните гласаат за програма, а како ќе претставиме програма правена порано пред ова? Сега се смени се, ќе ни треба нова програма, нови капитални инцвестиции да претставиме. Ние поодговорно приоѓаме на проблемот, здравјето пред се, како ќе се спроведе гласање кога ќе има граѓани кои ќе гласаат со маски и ракавици? Има граѓани кои сакаат да се видат со пратениците, тие не следат социјални мрежи, како ќе ја дознаат програмата што ја нудиме. Ќе има луѓе кои што ќе треба да се претстават пред граѓаните, од врата на врата, да ја претстават програмата, на крајот на денот граѓаните гласаат за програма – додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека Гоце Делчев е еден од темелите на македонската држава и за него за тоа не може да се дискутира. Со жалење тој констатираше дека од другата страна СДСМ и власта калкулираат и оставаат простор во спорот со Бугарија за и натаму да калкуираат и тргуваат со македонските национални интереси.
– Овој народ, оваа држава се темели врз основа на фунцкионирањето, раѓањето, творењето и борењето на Гоце Делчев и вие да го оспорувате тоа е исто како да оспорувате многу дејци на модерни, современи Европски држави, дека не се дел од тие држави. Тоа за мене не е предмет ниту на дискусија. За жал од спротивната страна гледам сепак еден вид калкуланство и оставање на простор за да може да се прават повторно определени отстапки, некогаш кога повторно ќе имаат можност, се надевам дека ќе немаат можност, да бидам попрецизен сигурен сум дека ќе немаат простор на штета на македонските национални интереси – вели Мицкоски.
Во поглед на економијата, тој рече дека државата 55 милиони евра има помалку собрано од стопанството и дека бизнисите се оставени на цедило.