Мицкоски: Минатата година беше тешка за земјоделците поради лажните ветувања на Заев

Мицкоски цени дека стратегија и визија за земјоделството од страна на власта нема да има ниту во иднина и затоа што во програмата на СДСМ нема ништо суштинско за тоа.

187

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за интернет порталот Нетпрес, првично им посака добро здравје и многу среќа на македонските граѓани во Новата 2021 година, и посака човештвото да излезе од пандемијата со корона вирусот кој го зафатил светот.

Мицкоски го почна интервјуто со поддршка за македонските земјоделци, почнувајќи од тутунарите, лозарите, оризопроизводителите, производителите на јаболка и така нататаму, кои сите, без исклучок, се жалат на ниската откупна цена на нивниот род.






Тој истакна дека и револтот, кој тутунарите пред некој ден го изразија пред Владата со палење на тутунот е оправдан, затоа што премиерот Зоран Заев во кунтинуитет им дава лажни ветувања за повисока откупна цена и сигурен пласман, додека од друга страна родот им стои во амбарите а тутун се увезува од странство.

– Сите оние лажни ветувања, купувања време од страна на Зоран Заев, доведоа на овој начин дел од тутунарите да реагираат и практично го искажат својот револт, поради, прво ниската откупна цена, а второ поради тоа што дел од тутунот ќе остане непродаден. Имаме сериозни индиции дека дел од количествата тутун кои се неопходни во земјата е донесен од увоз, што самото по себе говори дека дел од тутунот произведен во Македонија ќе остане неоткупен. Ќе остане во амбарите на тутунопрозиводителите – истакна Мицкоски.

Тој појасни дека 2020 беше година тешка и за лозарите, при што власта повторно им ветуваше пристојна откупна цена, а од друга страна грозјето се откупуваше по историски најниска цена до сега.

Тешка беше годината и за оризопроизводителите, вели Мицкоски во интервјуто, цената на оризот беше екстремно ниска што доведе и до блокирање на македонските патишта.

– Истото тоа се случи и со оризопрозводителите, во декември и тие го блокираа магистралниот пат Штип-Кочани, истото се случува денеска и со производителите на јаболки, јаболкарите, овоштарите и така натаму. Но и не само тоа огромен револт врз основа на информациите коишто ги добиваме од Пелагонија и останатите земјоделци – рече Мицкоски.

Тој додаде дека измината година која беше навистина тешка за македонското земјоделство е пред се поради тоа што власта предводена од СДСМ и Зоран Заев немаат стратегија и визија за одржување и развој на земјоделството.

Мицкоски цени дека стратегија и визија за земјоделството од страна на власта нема да има ниту во иднина и затоа што во програмата на СДСМ нема ништо суштинско за тоа.

Поврзани содржини