Мицкоски: Лошото менаџирање на Владата доведе до загуба на 130 милиони евра од ЕУ-фондовите
Овие пари државава можеше да ги искористи за градба на инфраструктурни капитални проекти, патишта, железничко поврзување и редица други зафати кои на економијата ќе и донесеа свежи пари во услови на рецесија, ќе задржеа работни места - вели Мицкоски.
Медиумите објавија дека Македонија загубила 130 милиони евра од фондовите на ЕУ, не затоа што ЕУ не ги дала парите, туку затоа што Владата и институциите кои ги менаџираат кадрите од владиното мнозинство не ни аплицирале за овие пари, напиша на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Овие пари државава можеше да ги искористи за градба на инфраструктурни капитални проекти, патишта, железничко поврзување и редица други зафати кои на економијата ќе и донесеа свежи пари во услови на рецесија, ќе задржеа работни места – вели Мицкоски.
Како што пишува тој, овие пари ги нема во државава затоа што администрацијата која ја менаџира Заев е неспособна да ги искористи. А, како би биле способни кога главната дејност на Владата е криминал, лаги и продажба на идентитетот.
– Владата по принципот „лежи лебу да те јадам“ нема да стигне никаде. Впрочем и парите на картичките за поткуп ќе завршат, а што потоа? Потоа, се разбира истиот филм од владата, час лаги, час занимавање со опозицијата и хајки, час продажба на идентитет. На тој филм народот ќе му стави крај. Затоа што работите вријат – пишува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.