МИЦКОСКИ ЛИЧНО ЌЕ СЕ ЗАЛОЖИ ЗА ПРАВДА ЗА ТЕОДОРА Премиерот е згрозен од пресудата, бара Судскиот совет да ја разгледа пресудата и работата на судијата

Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас, рече премиерот Христијан Мицкоски.

359

Згрозен сум од пресудата за случајот во Тетово, каде младата Теодора Ристевска беше прегазена, а сторителот кој одзема млад човечки живот беше осуден на 2 години затворска казна, рече премиерот Христијан Мицкоски. Според него, тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот.

Премиерот побара Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата кој вчера ја донесе пресудата што предизвика жестоки реакции.






– Вчера јавноста најново се згрози за случајот во Тетово. По сообраќајна несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавање на вина, сторителот кој одзема млад живот беше осуден на 3 години и 6 месеци затвор. По жалба, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на 2 години затвор, за да Врховниот суд ги укине двете пресуди на Основниот и Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди 2 години затвор на сторителот кој смртно одзема недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, Судот во Тетово му досуди 2 години затвор на сторителот кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! – праша премиетот Мицкоски.

Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на 2 деца сум силно разочаран, додаде тој.

– Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се разгледа оваа пресуда – рече премиерот.

Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата, додаде тој.

– Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова, кој дозволил, кој гледал настрана – ќе одговара. И институциите, и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност. Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата – дециден е Мицкоски.

Тој денеска во Владата присуствуваше на конституирањето на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.

– Корупцијата убива надеж. Ги тера младите да си заминат. Ги обесхрабрува чесните. Го подрива општеството. Сакам да подвлечам дека корупцијата е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава. Не смееме да делуваме отсутно и да не зборуваме за случаите кои силно удираат по правдата – рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Поврзани содржини