Мицкоски: Лично Бојко во очи ми призна дека Заев од опозиција ветил дека ќе ги исполни сите бугарски барања само за да стане премиер

Мицкоски порача дека со Зоран Заев нема европска иднина, ниту Македонија, ниту македонскиот народ,  како и тоа дека Заев не доведе до ситуација помеѓу асимилација или интеграција, затоа треба да си замине од власта.

9,072

Зоран Заев долг период ги убедуваше граѓаните дека тој всушност не разговарал за идентитетот, односно дека воопшто не се разговарало на таа тема поради тоа што македонските претставници одбивале да го стават на маса предлогот за било какво идентитетско разобличување, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисија „Студио 10” на ТВ 24.

– Ќе бевме среќни доколку беше вистина она што тогаш Зоран Заев го кажа, но за жал после само два дена самиот се демантираше. Во едно негово гостување во радио програма, самиот тој призна дека идентитетот бил предмет на разговор на т.н преговори со бугарската дипломатија. Самиот тој кажа дека веќе нема да можеме да ја користиме придавката „македонски”, што претставува голем пораз за нас како држава и нација – вели Мицкоски.






ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со таквиот пристап кон решавањето на проблемите во однос на договорот со Република Бугарија, и токму поради тоа подава рака за национален спас. Мора да се формира влада за национален спас која заеднички ќе изгради несоборливи црвени линии кои ќе бидат штитот на македонскиот идентитет, кажа Мицкоски.

Во однос на интервјуто на Заев и неговите ставови, Мицкоски кажа:

– Вие ако имате во еден момент такво интервју во кое што буквално ги навредувате сите жртви дадени за независна македонска држава, понатаму велите дека не преговарате за тоа, па потоа добивате патриотски севдах, па жицата повторно ја враќате во игра, а вие сте премиер внимавајте луѓето во вас очекуваат да видат стабилност, сигурност, еден континуиран правец на водење на политика, а вие практично имате такви осцилации на дневна на неделна основа што навистина луѓето се чувствуваат збунети. Затоа еве за да не бидеме ние збунет, чим не преговараме ајде да го ставиме ова на документ и да го усвоиме во рамките на парламентот. Нека биде тој документ резултат на еден напорен работен ден помеѓу претставници на сите политички парламентарни партии и ги повикувам вонпарламентарните партии да се приклучат да го потпишат и да ја затвориме таа тема – вели Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека лично бугарскиот премиер Бојко Борисов му признал дека Зоран Заев од опозиција му ветил дека ќе ги исполни сите бугарски барања само за да стане премиер.

– Ме прашавте за Борисов, мене лично ми има кажано дека ова што денеска го бараат е ветено од Зоран Заев. Не сум присуствувал на тој муабет, не можам да ја потврдам веродостојноста на таа информација, се оградувам, но лично јас сум го слушнал од него. Кога овој бил опозиционер и кога бил градоначалник бил кај него и ова го ветил, само да дојде да биде премиер – рече претседателот Мицкоски.

На прашањето зар мислите дека навистина некој би седнал да преговара за јазик, нација и идентите, Мицкоски вели:

– Па видете и јас не мислев дека Иловица рудникот ќе се гради, па гледам дека сега случајно ја промени сопственоста од Канадски инвеститор во Бугарска компанија со седиште накај Кајманските острови. Знаете во политиката нешто ме научи, а тоа е дека нема ништо случајно.

Мицкоски порача дека со Зоран Заев нема европска иднина, ниту Македонија, ниту македонскиот народ,  како и тоа дека Заев не доведе до ситуација помеѓу асимилација или интеграција, затоа треба да си замине од власта.

– Ако некој континуирано ги поместува нашите преговарачки позициии, а ние постојано губиме и се доведеме до самиот амбис и да се доведеме до ситуација дали асимилиација или интеграција, тогаш е прашањето дали тој човек или тие политичари, воопшто имаат кредибилитет и понатаму да продолжат да преговараат затоа што превземале концесија – истакна Мицкоски.

Тој вели дека треба веднаш да се остави на историчарите да си разговараат за историските настани, а не политичарите тоа да го прават, потребно е да се остави експерти да одговараат за стручните прашања, но не политичарите.

– Ние политичарите да се повлечеме и да го мониторираме тој процес, но не овие политичари со концесии, овие мора прво да бидат поразени да дојдат луѓе политичари кои знаат како да го фасилитираат и водат овој процес – посочи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели дека во спротивно Македонија ќе продолжи да губи, македонскиот народ ќе продолжи да губи и се подалечна ќе е европската иднина.

Тој посочи дека теоретски ако ние сега ги почневме преговорите кои ги посакуваме, повторно ќе стоеше тој Дамоклов меч од тој момент, до полноправно членство за сите овие прашања кои се отворени од политичарот Зоран Заев.

– За овие прашања не требаше да ги разговараме, требаше да ги бетонираме нашите позиции, мојата цел беше таа , а сега Зоран Заев се обидува низ патриотска призма по вчерашното обраќање, но тоа не му стои, вели Мицкоски  во „Студио 10“ на Телевизија 24.

 

Поврзани содржини