Мерките на владата се лицемерни, нив нема да можат да ги искористат компаниите кои се најпогодени, помоштта е задоцнета и недоволна за стопанството, не чека тешка и црна економска криза, рече Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО – ДПМНЕ на денешната прес конференција откако беа објавени нови мерки во бората против коронавирусот.
Мицкоски изрази сериозна загриженост за пакетот мерки за стопанството за помош од последниците на пандемијата со коронавирусот, оценувајќи дека со него кризата ќе се продлабочи.
– Целиот пакет не е вистински и не е доволна помош – рече Мицкоски, кој направи споредба со помошта што соседните земји ги нудат на нивната економија.
Toj критички се осврна на владината уредба со која им се одобрува на фирмите помош од 14.500 денари , за која рече дека нема да може да се реализира и во мај со оглед на тоа како е срочена затоа што бара компаниите да имаат остварено ефективна работа, која не може да се случи поради вонредната состојба.
– Пакетот мерки е огромно разочарување за граѓаните и бизнисот, по вторпат. Ова е далеку од доволно. Кога состојбата не била трагична сигурно некој ќе каже дека Владата се шегува со вакви мерки за стопанството. Не викам дека нема поединечни мерки кои не се добри, и нема да помогнат. Но ви викам, ви тврдам дека целиот пакет за помош не е вистински и не е доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните. Овој пакет нема споредба со она што го нудат државите од регионот. Србија помошта од 5 милијарди евра ја понуди кон граѓаните и бизнисот. Словенија 3 милијарди евра, Грција 6.8 милијарди евра и итн. Во Словенија сите само вработени од погодените бизниси ќе добијат помош од 700 евра. А, државата ќе им ги плати придонесите, 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија. Додаток на плата од 100 евра ќе добијат и семејствата со три или повеќе деца. А, оние кои ќе имаат дури и повеќе од три ќе добијат помош од 200 евра месечно. Србија најави помош од 100 евра за секој возрасен граѓанин. Тоа се околу 520 милиони евра. А, со цела минимална плата ќе ги помогнат индивидуалните бизниси. Ова е како се справуваат државите околу нас – рече Мицкоски.
Тој ги повтори мерките што ги предлага ВМРО – ДПМНЕ и рече дека како предлог уредби ќе ги достават до Владата. Тој потсети дека ВМРО – ДПМНЕ предлага покривање до 50 отсто на трошоците по однос на бруто плата.
– И тоа не само за месеците мај и април кој што ќе бидат исплатени во мај и во јуни, туку тоа ќе важи и за месеците март, април, мај и јуни, а потоа соодветно на ситуацијата ќе предлагаме нови мерки. Втората мерка која што ја повторуваме по трет пат е веднаш да се интервенира во вториот задолжителен приватен пензиски фонд и средствата кои што во висина од 10 милијарди денари биле предвидени за оваа година, а веќе во првите два месеци јануари и февруари 1 и половина милијарда се уплатени во задолжителниот приватен пензиски столб да бидат веднаш со уредба со сила на закон пренасочени во единствениот државен задолжителен пензиски столб. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни осум ипол до 10 милијарди денари – објасни Мицкоски.
Оливер Спасовски, техничкиот премиер претходно објави дека сите избрани и именувани функционери во април и во мај ќе земат минимална плата од 14. 500 денари. Нема кратење на платите на другите вработени во јавниот сектор. Исклучок од мерката за минималец се именуваните лица (директорите) во јавните здравствени организации.