Денес овие денови имаме 40 илјади ново невработени за 5 месеци, најголем зголемување на невработеноста за толку кус период од времето на приватизацијата, имаме пропадната банка со кредити влечени од фирми блиски до власта, министерка која пред да пропадне банката си ги извлекла парите слично како министерот во тренерки од ТАТ. Познато ли ви е, нели? Се е исто како црната транзиција, рече Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција.
– И нема само да констатирам што имаме, сите добро тоа го знаеме, ќе зборам и за тоа што ќе добиеме во наредниот период. Од двата дена собраниска седница не чувме ниту збор за тоа како ќе се надмине економската криза, како ќе се надмине и здравствената криза. Не чека сиромаштија и уште посилна здравствена криза. Сериозноста со ковидот укажува дека имаме 600 починати до сега и ова е најголем број починати во Македонија предизвикани од некакво влијание и фактор по Втората Светска војна до сега. И луѓе секаде се заразуваат низ светот но според сите параметри земјава се справува убедливо најлошо во цела Европа. И не е само до менталитетот и недисциплинираното однесување на дел од граѓаните туку пред се поради немањето на систем и стратегија. А одговорен за тоа е Зоран Заев – вели Мицкоски.
Кризата, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде уште поголема и ако не се преземе итен активизам, сериозни мерки и протоколи последиците ќе бидат уште поголеми.
– Во економијата, имаме зголемување на долгот на една милијарда евра за 6 месеци, буџетски дефицит од 520 милиони евра за само 7 месеци. Во сериозна опасност ќе се доведе и редовната исплата на платите и тековните обврски. Следуваат потешки времиња – рече Мицкоски.