Мицкоски: Имам доверба во лекарот Филипче, ама нека внимава да не го добие епитетот „џелатот“

782

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечера во интервју на „Топ тема“ на Телма го коментираше барањето за продолжување на вонредната состојба и искажа сомнеж дека министерот за здравство Венко Филипче можеби има и политички мотиви.

Според Мицкоски, ако лиферуваме датуми, а од друга страна бараме вонредна состојба, значи не може да имаме фер претставување на сите учесници во вонредна состојба во изборната трка. Вчера имавме лидерска средба, прашањето е како одиме на избори, а денеска министерот за здравство Венко Филипче бара вонредна состојба, сега имаме или не услови за избори, изјави Мицкоски.






– Јас во лекарот Филипче имам доверба. Но, ова е политичко барање. Зошто? Затоа што вие неможете да зборувате за избори, а истовремено да барате продолжување на вонредната состојба. Тие две работи не одат паралелно, контрадикторни се. Ќе разберев ако одевме со наративот „ја победивме пандемијата, херои сме”, се ќе беше во ред. Немаме луѓе кои што го губат животот, процентот на новозаболени е под три отсто и тогаш дајте луѓе да зборуваме за датум кога ќе се одржат изборите. Затоа велам тоа што го збори Филипче е лицемерие. Јас немам дилеми во неговата стручност, но за жал Филипче плови во води заедно со претседателот на СДСМ и прават грешка. И се плашам дека од епитетот витезот, да не го добие епитетот џелатот затоа што коментарите денеска не се баш такви какви што беа пред еден месец. И би го советувал да се држи до епитетот витезот, бидејќи сепак тие луѓе се лекари и тие луѓе треба да спасуваат човечки животи, а не да туркаат политички платформи – вели Мицкоски.

Зборувајќи за тоа дека првата вонредна состојба е донесена по одржување на седница на Советот за безбедност, а потоа и на лидерска средба, потенцира дека второто продолжување на вонредната состојбз се случила без лидерска средба и без да бидат, како што рече, запознаени лидерите. –

– Можеби  е мал фаул процедурален, нема да замериме, но добро е да се спомене – рече Мицкоски.

Говорејќи за владината Уредба со која по укинувањато на вонредната состојба продолжуваат да течат изборните рокови, Мицкоски рече дека кога се носела таа на Влада имал телефонски разговор и со вицепремиерот Бујар Османи и со техничкиот премиер Спасовски и му рекол дека на овој  начин ќе се доведеме во состојба утре да имаме проблем.

– Ќе ви откријам уште една тајна, техничкиот министер за внатрешни работи не гласаше позитивно за оваа уредба, гласаше воздржано затоа што ВМРО-ДПМНЕ  уште тогаш предупреди на можните проблеми кои следуват. Но, тоа се привидни проблеми затоа што веќе во членот 6 ДИК е таа која што го утврдува календарот. Тие можат да го утврдат календарот откако ние веќе ќе дефинираме датум. Затоа е многу важно да имаме датум – рече претседателот на ВМРО – ДПМНЕ.

Поврзани содржини