Мицкоски: Има дополнителни 12 барања од Бугарија, Заев ги крие од народот

Мицкоски е дециден дека нема цена која ќе го натера да прифати дека до 45та година Македонците биле Бугари и дека македонскиот јазик бил бугарски.

836

Јас уште во октомври кажав дека има дополнителни барања и дека тие барања се формулирани како нон пејпер, патоказ или анекс и тогаш бев прогласен дека ширам лажни вести, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното интервју во Централниот дневник на ТВ Сител, за дополнителните 12 барања од Бугарија.

Мицкоски рече дека е спремен да прифати гневот кој го истураат Заев, Османи, Димитров кон него, само да се зачува македонскиот јазик и идентитет, укажувајќи дека и потпретседателот на владата и министерката за надворешни работи на Бугарија изјавиле дека има 12 дополнителни барања од страна на Бугарија, но дека Заев и власта ги кријат од македонската јавност.






– Нека го истурат сиот гнев и Заев, и Османи, Димитров кон мене јас сум подготвен да го прифатам само да го зачуваме јазикот и идентитетот. Еве јас сум тој кој што е виновен за се во оваа држава, не е проблем ќе го прифатам сето тоа, само жалам тоа што го зборувам е вистина. Тоа го кажа и потпретседателот на владата во соседна Бугарија, тоа го кажа и министерката за надворешни работи во соседна Бугарија дека има дополнителни 12 барања и сега што правиме? Зошто македонската јавност тие барања не ги виде, не заслужуваме? Зошто во јули не излегоа на избори да речат ние сме подготвени да потпишеме дополнителен нон пејпер, или анекс на договор со Бугарија кој што ќе опфати тоа и тоа – додава Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во централниот дневник одговарајќи на прашањето дали би седнал да разговара со власта за да се изнајде национален консензус за прашањето со Бугарија, рече дека и покрај тоа што предупредувал да не се потпишува договорот, власта го потпишала, додавајќи дека само политички аматер може да стави историските настани на Балканот на дневен ред за да може државата да напредува кон Европската унија.

Мицкоски е дециден дека нема цена која ќе го натера да прифати дека до 45та година Македонците биле Бугари и дека македонскиот јазик бил бугарски.

– А за што да разговараме, отидоа таму потпишаа договор каков што мислеа дека треба да го потпишат, им велевме не го потпишувајте договор зошто само политички аматер може да ги стави историските настани на Балканот на дневен ред за да може државата да напредува кон Европската унија. Го ставија тоа, мислејќи дека така еве сите ќе им донесат букет рози, а еве до каде дотеравме, денеска да бидеме блокирани. И за што да седнеме да разговараме, за да ни кажат тоа е тоа, ако сакаме Европска Унија треба да прифатиме дека до 45та сме биле Бугари, дека македонскиот јазик бил бугарски итн. Јас тоа не го прифаќам и нема цена за тоа да го прифатам. Не сакам за тоа да разговарам – вели Мицкоски.

Поврзани содржини