📷 МИЦКОСКИ И ФИЛИПЧЕ СИ ГО ЧЕСТИТАА ПРАЗНИКОТ В ЦРКВА Лидерот на СДСМ посака мирна година, премиерот побара сила за работење

936

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, генералниот секретар Александар Димитријевиќ и потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска, денеска присуствуваа на свечената утринска литургија во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, во чест на празникот Христово раѓање – Божик, со којашто чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан.

Во име на СДСМ и во свое лично име, претседателот на СДСМ упати честитка за Божик до сите православни верници кои го празнуваат Христовото раѓање – Божик како и до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски, г.г. Стефан.






„Со традиционалната честитка, Мир Божји, Христос се роди! Ви го честитам најголемиот христијански празник Христовото раѓање на сите граѓанки и граѓани кои денеска празникот го слават. Посакувам мир во овие празнични денови, на начин како што налага традицијата во кругот на семејството, пријателите и блиските. Живееме во свет којшто многу динамично и драстично се менува, во многу места во светот имаме војни и во таа смисла, посакувам оваа година пред сѐ да е мирна и безбедна. Ние тука кај нас, во нашето мултикултурно и мултинационално општество, различни какви што сме, различностите да ги сфатиме како предност, како една придобивка на демократијата. Во таа смисла сите заедно да работиме за да државата и општество ги направиме подобро, помирно, поправедно и побогато место за живеење – рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој објави и фотографија на која се гледа како в црква се поздравува со претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Претходно, премиерот Мицкоски упати честитка до православните верници во земјава:

„Раѓањето на Спасителот на светот е симбол на љубовта, милосрдието и жртвата за доброто на човештвото. Овој свет ден нè потсетува на вистинските вредности – вербата, надежта и љубовта, кои треба да нè водат во секојдневниот живот. Божик нè повикува и да бидеме солидарни, да си помагаме еден на друг и да ја споделуваме радоста со сите околу нас. Во време кога предизвиците се бројни, оваа празнична атмосфера нè поттикнува на размислување за заедништвото и единството, како најсилен темел за изградба на подобра иднина. Нека Божик биде потсетник дека со вера, труд и меѓусебно разбирање можеме да создаваме општество исполнето со мир, правда и напредок. Нека Божик ни даде нова сила да работиме заедно и да создаваме големи дела за доброто на сите граѓани, негувајќи ја традицијата и духовноста како темели на нашето општество. Посакувам да го поминеме овој празник во духовен мир, со радост во срцата, во кругот на семејството и најблиските. Нека Божјата милост нѐ води низ животот, носејќи благосостојба, здравје и успех во секој наш чекор. Христос се роди!“, порача премиерот Мицкоски.

НЕКА БОЖИК НИ ДАДЕ СИЛА ДА СОЗДАВАМЕ ГОЛЕМИ ДЕЛА Мицкоски го честита големиот христијански празник

Поврзани содржини