Мицкоски: Граѓаните трпат тортура бизнисите во загуба затвораат, а плантажите од марихуана на бате Вице и мафијата добиваат поддршка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека мора да престане теророт врз луѓето и ја повика меѓународната заедница и невладините организации да реагираат.

1,402

И овој протест го посветувам првенствено на стотиците, илјадниците луѓе кои трпат терор и мобинг на дневна основа само затоа што ја говорат вистината за мафијата. Таа мафија донесе реваншизам по сите основи и терор врз обичниот човек. И тука не зборувам само за терор, притисоци и уцени врз ВМРО-ДПМНЕ, туку за реваншизам кон се што е различно од мафијата и различно од СДСМ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протест против реваншизмот и неправдата.

Тој рече дека тортурата и реваншизмот на власта се гледа низ примери.






– Денеска можете да сретнете татко на три деца кој останал без работа само затоа што одбил да излезе и да гласа на последните предвремени парламентарни избори за коалицијата која што ја предводеше СДСМ. Самохрана мајка е оставена без единствените приходи и избркана од работа само затоа што одбила да биде дел од структурите на СДСМ и да земе членска книшка од СДСМ. Преместен на работно место од Скопје во Кичево на ископ на јаглен, за да сам си замине од работа затоа што гласно рекол дека Заев е криминалец. Му ги скратиле субвенциите затоа што излегол да протестира за парите кои министерството за земјоделие му ги ветило, а не го исплатило.  Го дале на дисциплинска одговорност само затоа што бил забележан во спотовите кои што на изминативе предвремени парламентарни избори биле промотивни за Коалицијата која што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

Според Мицкоски, реваншизам нема само во државните  институции, туку народот го чуствува заедно со теророт на мафијата секаде каде што таа може да допре.

– Имаме отпуштања од работа кај поголеми приватни фирми кои се блиски до власта. Да не зборам за уцените кои ги прават кон газдите на компаниите за да тие благонадежно одработуваат за истата таа власт.А слична судбина ги чека и приватните компании, бидејќи ги слушнавме пред некој како Заев се фали дека имал стратегија за приватните компании, оние кои бележат загуби да ги остави да потонат, а на оние на кои локомотивите им влечеле напред ги вика да им помогнел. Такви локомотиви се плантажите за марихуана на бате Вице, а на сите други Заев им порача да не чекаат помош од државата туку да го стават клучот и да ја затворат вратата – рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека мора да престане теророт врз луѓето и ја повика меѓународната заедница,и невладините  и владините организации кои земаат грантови да реагираат.

– Ја повикувам и меѓународната заедница и таа иста меѓународна заедница која што се повикува на владеење на правото да излезе и да ги слушне овие човечки судбини, да слушне како денеска родителите солзи ронат затоа што не можат да обезбедат пристојна егзистенција за своите семејства, затоа што ги гледаат натажените лица на своите деца на кои што не можат да им обезбедат компјутер за да следат настава како што тоа го прават своите врсници затоа што имале само еден грев, биле активисти или ја подржувале опозицијата, или имале различно мислење од тоа кое што го има власта – рече Мицкоски.

Тој ги повика граѓаните кои трпат тортура од власта без разлика на етничката припадност да се обратат во ВМРО-ДПМНЕ каде што , како што рече, им е отворена вратата.

– Ние сме со народот, ќе ви помогнеме, ќе ве одбраниме и заедно ќе истраеме, затоа што така заедно сме посилни и само така можеме заеднички да ја одбраниме Македонија – рече Мицкоски.

Протестот на ВМРДПМНЕ против реваншизмот и тортурата се одржа пред Министерството за информатичко општество и администрација, а почна пред Министерството за правда.

Поврзани содржини