МИЦКОСКИ ГО ПРИМИ СВЕТСКИОТ ТЕНОР ПЛАСИДО ДОМИНГО За вечерва е закажан концерт за паметење
Доминго вечерва (петок) за првпат ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Борис Трајковски” од 21 часот. На концертот во Скопје ќе настапи и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер, кој е еден од врвните шпански диригенти.
Пласидо Доминго завчера пристигна во Скопје и без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржа првата проба, која помина успешно.
Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена.
Шпанскиот тенор со светска слава Пласидо Доминго (84), вчера попладне се сретна со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Бев домаќин во мојот кабинет на оперската легенда, Пласидо Доминго кој ќе има концерт во Скопје. Ми беше задоволство да разговараме за нашата култура, музика и заеднички да испратиме порака на разбирање, толеранција и заемна почит“, напиша Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Доминго вечерва (петок) за првпат ќе одржи концерт во Скопје, во салата „Борис Трајковски“ од 21 часот. На концертот во Скопје ќе настапи и италијанската сопранистка Марија Жосе Сири, а ќе диригира Жорди Бернасер, кој е еден од врвните шпански диригенти.
Концертот ќе биде во два дела. Во првиот дел ќе бидат изведени популарни оперски арии од италијанската литература, од Пучини, Верди, Белини…, а во вториот, дела арии од шпанската литература и дела од Штраус и Лехар.
Министерот за култура и туризам Љутков по повод средбата со Доминго изјави:
– Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ни кажа дека ова е прва посета на Македонија и навистина е возбуден што конечно ќе ја доживее магијата на нашата прекрасна земја.
Скопскиот концерт на Доминго е поддржан и од Министерството за култура. За него беше одобрена сума од 600.000 денари на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на музичката и музичко-сценската дејност за 2025 година.