МИЦКОСКИ ГО НАЈАВИ НАЈГОЛЕМИОТ ТРАНСПОРТЕН ПРОЕКТ ВО СКОПЈЕ Железница од три коридори и нов мост преку Вардар за БРТ системот
Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт Александар Николоски најавија нова ера во јавниот превоз со воведување на градска железница и реализација на БРТ проектот – првите модерни решенија што ќе го намалат сообраќајниот метеж и загадувањето во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и министерот за транспорт Александар Николоски најавија нова ера во јавниот превоз со воведување на градска железница и реализација на БРТ проектот – првите модерни решенија што ќе го намалат сообраќајниот метеж и загадувањето во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека воведувањето на железницата како дел од јавниот превоз и почетокот на БРТ системот претставуваат клучен чекор кон модерно и еколошко Скопје.
– Мислам дека сите кои се вклучени во овој проект заслужуваат големи честитки, од министерот за транспорт и потпретседател на Владата, до директорите на Македонски железници и сите кои беа дел од оваа визија. Овој систем ќе ја растерети гужвата, но уште поважно, ќе ја намали емисијата на штетни честички во воздухот. Ова е проект со силни еколошки ефекти – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека македонската Влада сериозно ја сфаќа борбата против загадувањето и дека новите транспортни решенија ќе имаат траен ефект врз квалитетот на живот во градот.
– Ние сме свесни дека чуда преку ноќ не се прават, но овој проект е еден од оние кои ќе контрибуираат кон чист воздух и подобар урбан живот. Посебно сум среќен што конечно го отпочнуваме и БРТ системот, кој ќе биде комплетиран со нов мост преку реката Вардар. Сигурен сум дека кога сите овие проекти ќе се заокружат, ќе видиме значително подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на сообраќајниот хаос во Скопје – додаде премиерот.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски нагласи дека проектот за градски воз, заедно со БРТ, ќе понуди вистинска алтернатива на скопјани кои секојдневно се соочуваат со нефункционален јавен превоз.
– Сакам јавно да се заблагодарам на премиерот, Владата и министерот за транспорт. Она што до вчера изгледаше како сон, денес станува реалност. Градот конечно добива модерен систем на јавен превоз со кој граѓаните ќе добијат побрз, поефикасен и поеколошки транспорт – рече Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека Град Скопје и ЈСП ќе бидат целосно логистички вклучени во реализацијата на проектот.
– Ќе се адаптираме на новите железнички станици и траси за да овозможиме синхронизација со автобускиот превоз. Нашата цел е кога ќе пристигне воз, во истиот момент да биде достапен и автобусот. Така граѓаните нема да чекаат со часови, туку ќе добијат вистинска алтернатива која ќе им го олесни секојдневието – додаде тој.
Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски нагласи дека проектите за градски воз и новата железничка делница претставуваат историски чекор во македонската инфраструктура.
– На увид сме на два значајни проекти. Првиот, кој се однесува на товарниот превоз, срцето на железничкиот сообраќај во Македонија, е од исклучително значење. Со новата делница од Драчево до Илинден, товарните возови повеќе нема да мораат да минуваат низ центарот на градот или да ја избегнуваат оваа траса – појасни Николоски.
Тој додаде дека вториот проект, градската железница, веќе се работи и има три траси: првата од Зелениково преку Драчево и Јане Сандански, а останатите две ќе почнат да се реализираат следната година.
– Железничката инфраструктура што ја затекнавме беше стара повеќе од половина век. Денес конечно ги заменуваме праговите поставени уште во 60-тите години. Тоа е доказ дека оваа Влада инвестира во иднината – рече министерот, додавајќи дека поддршката на премиерот Мицкоски е од суштинско значење за успешната реализација на проектите.
Со реализацијата на БРТ системот и железницата од три траси, Скопје ќе стане првиот град во регионот со интегриран, модерен и еколошки јавен транспорт, решение кое ќе ја намали загаденоста и ќе овозможи побрзо движење низ метрополата.