МИЦКОСКИ ГО КАНИ ТАРАВАРИ НА „СИКТЕР КАФЕ“ Лидерот на Алијанса за Албанците одлучил да замине во прегратките на Ахмети
Најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на АА и на голем дел од луѓето кои се дел од оваа Влада, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски следната недела очекува завршна средба со министерот за здравство Арбен Таравари со што потврди дека Алијанса за Албанците излегува од Влада.
Според него, одлуката на Таравари и малкумина била да се врати, како што рече, во прегратките на Ахмети и на ДУИ.
– Господинот Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба во текот на следната недела на којашто ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје. Најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на АА и на голем дел од луѓето кои се дел од оваа Влада. Чесно беше и доблесно сам тоа да го направи и да не ја влече за нос Владата и граѓаните, но ете станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои повеќе од две децении ја пустошеа, ја криминализираа и ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена – изјави Мицкоски.
Иако средбата која Таравари и Мицкоски ја имаа пред десетина дена во Влада беше оценета како конструктивна, лидерот на АА синоќа, како што пренесоа дел од медиумите изјавил дека е подобро за неговата партија да биде во опозиција, но и дека нема намера да стане дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Денеска пак потпретседателот на ДУИ Бујар Османи во интервју за РСЕ рече дека за него одлуката на Таравари е израз на храброст бидејќи владата е моноетничка и нема легитимитет меѓу Албанците.
Премиерот Мицкоски не сакаше да ја коментира изјавата на Османи.
На прашањето дали разговара со други партии за влез во Влада, Мицкоски одговори дека Владата е стабилна, има силно мнозинство во Парламентот и е фокусирана на реформската агенда и испорака на проекти.