🎥 МИЦКОСКИ ГИ ОТФРЛА ШПЕКУЛАЦИИТЕ ЗА КАМПОВИ ЗА МИГРАНТИ Како од сите идеи СДСМ најде да зборува за идеја која е во темелните вредности на ВМРО-ДПМНЕ?
Премиерот најави дека како што се прави проект „Сејф сити“, ќе се прави проект Сејф кантри со кој нашите граници ќе бидат целосно мониторирани.
Додека јас сум премиер нема да никне ниту еден шатор за илегални мигранти и нема да примиме ниту еден илегален мигрант, напротив ќе ја зајакнеме нашата борба против илегалната миграција, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска.
– Со индигнација ги отфрлам овие шпекулации дека планираме да правиме какви било кампови за илегални мигранти. Темата што е зборувана во британските медиуми е за неуспешни апликанти за азил да ги праќаат во трети земји. Таква тема не е разговарана со нас, а и да се разговара ќе се одбие. Разговарано е дека ќе се бориме заедно против илегалната миграција, илегалните мигранти кои влегуваат кај нас преку граница од земја членка на ЕУ – рече Мицкоски.
Тој најави дека како што се прави проект „Сејф сити“, ќе се прави проект Сејф кантри со кој нашите граници ќе бидат целосно мониторирани.
– Ги гледам овие салта кои ги прави опозицијата на отворена сцена и не само што не е вистина, туку за мене е навистина чудно во отстуство на каква било идеја која може да мобилизира, тие се фаќаат за политика, за антиилегалната миграција која е во темелните вредности на кои почива ВМРО-ДПМНЕ. Ова претставува однапред изгубена битка. Немаат идеја, немаат концепт и сега ајде ќе измислуваме теми. Како од сите идеи ја најдоа оваа која е фундаментална во политиките на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.