МИЦКОСКИ Е ЉУБИТЕЛ НА МОДЕРНИОТ СТИЛ „Скопје 2014“ треба што побрзо да се заврши зашто недовршените објекти го нагрдуваат градот
Недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдат лицето на главниот град и би сакал поскоро да бидат завршени, но јас сум љубител на модерниот стил, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање каков е планот на Владата за недовршените објекти од проектот со оглед дека со ребалансот не се предвидени пари за завршување на тие згради годинава.
– Навистина тоа е прашање кое што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука. Навистина тоа е премногу грдо онака како што изгледа сега незавршено и недовршено. Бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме. Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста којшто му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста којшто му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти коишто вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени – рече Мицкоски при денешната посета на Царинската управа.
Тој истакна дека пари не се предвидени бидејќи се прават анализи каков е нивниот правен статус, бидејќи, како што рече, дел од тие објекти се и приватни инвестиции.
– Сега не можеме ние како држава и тие приватни објекти да ги санираме, но секако со инвеститорите би сакале да разговараме, да работиме за да се завршат. Да видиме што можеме да помогнеме навистина. Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број на туристи оваа година, во некои од државите и до 20-25 проценти – рече премиерот.
Премиерот најави специјална политика за туризмот.
– Во септември ќе објавиме нов пристап, потоа очекуваме сето тоа да почне да функционира со неколку чартери на ден од март, бидејќи многу е важно да имаме јасна промоција на туристичките капацитети коишто ги нудиме како држава и за тоа да биде комплетно, да биде убаво,ние мораме ова што е останато незавршено да го завршиме. Откако ќе ја завршиме таа анализа бидете сигурни дека веќе во буџетот за следната година тоа што е работа на државата ќе биде завршено. Дали ќе го напуштиме тоа треба да кажат стручните лица архитектите. Ќе повторам, доколку е тоа возможно јас сум љубител на модерниот стил – рече Мицкоски.